• Latest
Добро утро со Орданоски

Има ли разлика помеѓу руските, американските и македонските олигарси?

March 28, 2022
Архивска фотографија, Белград, 6 мај / фото извор: Фејсбук страница „Studenti u blokadi Beograd“

Србија по изборите: Студентската листа освои 140 мандати, листата на Вучиќ остана на 103

November 6, 2026

Српската влада одобрила 6,5 милиони евра за СПЦ: Сомнежи дека дел од парите преку Алта банка биле префрлени во Русија

November 6, 2026

Врсничкото насилство ги загрозува училиштата: Тетово со серија меѓуетнички напади, родителите бараат заштита

November 5, 2026

Нуклеарен удар врз Иран: Од каде потекнуваат тврдењата за Трамп и Нетанјаху

November 5, 2026
Илустрација ВИ

Србија: Истрага за летот на Вулин, откритија за тајниот надзор на БИА врз новинари и редакцијата „Радар“

November 5, 2026
Free European parliament image, public domain building CC0 photo.

ЕК за Северна Македонија: Нема напредок во борбата против корупцијата и во медиумските слободи, уставните измени остануваат услов

November 5, 2026

Комишуваха, Украина: 40 загинати, спасувачите под закана од нови руски напади

November 4, 2026

По обвинувањата за изборна измама, Израел ги потврди резултатите и влегува во коалициски преговори

November 4, 2026
Фото; Unsplash

Масовни протести во Чешка против реформата на јавните медиуми: Илјадници граѓани бараат заштита на медиумската независност

November 4, 2026

ИНФОГРАФИК: „Блунами“ во САД – што донесе синиот бран и што е следно за Трамп и светот

November 4, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ

Има ли разлика помеѓу руските, американските и македонските олигарси?

Кога веќе и ние, со право – и покрај нашата релативна безначајност во мерките – без размислување се вклучивме во меѓународните санкции кон Русија и нејзините олигарси, не е ли време малку системски да размислиме за тоа како самите да си го подзачистиме нашиот олигархиски двор?

March 28, 2022 06:30
in (АНТИ)КОРУПЦИЈА, АНАЛИЗИ, ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Добро утро со Орданоски

Добро утро со Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

САШО ОРДАНОСКИ

Од разбирливи причини, светската јавност во последниот месец е преокупирана со приказната за руските милијардери и нивната важност за режимот на Владимир Путин. Кругот на десетината олигарси – олигархијата е систем на владеење на малкумина со сите – околу рускиот претседател е импресивен по своето богатство, а се протега од Владимир Потањин, најбогатиот Русин проценет во март годинава дека „тежи“ околу 26 милијарди долари и се наоѓа на 51-то место на Индексот на Блумберг за најбогатите милијардери во светот, до десеттиот на таа листа, Сулејман Керимов, чие богатство е околу 12 милијарди долари и е на 162-то место кај Блумберг. Останатите осум најбогати руски милијардери (Микелсон, Мордашов, Лисин, Усманов, Мелниченко, Векселберг, Абрамович, Прокоров – по тој редослед) по својот имот се „распоредени“ меѓу овие двајца.

ЛЕТААТ, ПЛОВАТ, „СПОРТУВААТ“…

Сите тие, речиси без исклучок, својата моќ и пари ги темелат врз ексклузивните права за бизнисите со енергијата, ретките метали или во челичната индустрија, плус уште неколку монополи во еден-два други сектори. Ништо од тоа, по распадот на СССР, го немаат стекнато со генерациска напорна работа и чесен труд, ако се разбираме што сакам да кажам. Бројот на нивните приватни јахти по тонажа и должина (луксузот се подразбира) ги надминува флотите на многу поморски земји, а разновидните летала со кои располагаат би можеле да превезат милиони патници годишно, а не само нивните семејства и пријатели. Дворци, вили, деловни згради… Спортски клубови, егзотични хобија, автомобилски возни паркови… Да не губиме време во бесмисленоста на цените на тие имоти.

Се разбира, шпекулациите дека најбогатиот меѓу нив е, сепак, самиот Путин, е работа на најфриволната имагинација за која се раскажани многу приказни и легенди. Во денешната Русија, нормално, ништо од тоа не може да се докаже. А и зошто треба да се докажува…

Воведените разновидни западни санкции врз нив, пак, поаѓаат од теоријата дека, бидејќи во моментов овие (и не само тие) руски богаташи губат, буквално, милијарди долари за неполните четири недели откако се спроведуваат санкциите, ќе влијаат врз Путин да ја сопре освојувачката трагедија во Украина.

Најблаго речено, нема да го биде… Но, тоа не е поентата на овој текст.

ЗАПАДОТ Е “OPEN FOR BUSINESS”

Познатиот грчки левичар Јанис Варуфакис, поранешниот министер за финансии во владата на Ципрас, професор по економија на Атинскиот универзитет и влијателен европски интелектуалец, минатата недела објави своја анализа за тоа дека ако светот, со право („во време кога руските бомби ги уништуваат украинските градови“), е преокупиран со моќта на руските олигарси (кои, особено Британците, ги молеа да отворат какви сакаат сметки и бизниси, без потреба да го објаснуваат потеклото на своите пари, преку лондонските банки), тоа не значи дека московските милијардери битно се разликуваат по своето влијание, интереси и политички „врски“ од американските и сите други светски милијардери.

Впрочем, на Индексот на Блумберг, додека да стигнете до првиот рангиран руски милијардер Потањин, има десетици американски „могули“, а меѓу првите 10 дури 8 се Американци (седуммина од нив од областа на технолошката индустрија). Само најбогатиот човек во светот, Елон Маск (проценет во моментов на 256 милијарди долари), е многу побогат од вкупното богатство на сите руски милирајреди, плус онаа „сиротиња“ од којзнае колку стотици руски милионери.

ШТО Е СО ЗАПАДНОТО ЛИЦЕМЕРИЕ?

Варуфакис прави концизна анализа на даночните практики, политичките донации, системското влијание и легалните „заштити“ што ги уживаат, како и поврзаноста на бизнисот со политичките интереси на овие милијардери, за да одговори на прашањето: „Дали американските мулти-милијардери и саудиските принцови уживаат во помало политичко влијание, кријат помалку пари надвор од своите земји и го користат своето влијание на подобар начин (од Русите)?“

Претпоставувате, краткиот одговор е: не. И подолгиот одговор, иако на малку покомпликуван легален, морален и медиумски начин, е сличен. Тоа Варуфакис го илустрира со западното лицемерие, од војните во Јемен и Ирак, до судбините на Џулијан Асанж и Џамал Кашоги.

На крајот, Варуфакис само се надева дека украинската трагедија, можеби, „создаде можност за проверка не само на олигарсите со руски пасоши, туку и на нивните американски, саудиски, кинески, индиски, нигериски и, да, грчки колеги“.

„ВО РАМКИТЕ НА ЗАКОНОТ“

Што е добра прилика да се запрашаме: А, каков е случајот со македонските – во недостаток на милијардери – олигарси-милионери?

Пропорционално споредено, и во нашата „бара“ пливаат десетина-дваесет олигархиски „крокодили“ кои на ниту еден суштински начин во она што го прават во државава не се разликуваат од нивните меѓународни „колеги“. Финансираат политичари и партии (истовремено и на власт и во опозиција), изнесуваат пари по меѓународни финансиски дестинации, нема даночна реформа (кој и да е на власт) што нив може да ги погоди, од нив зависат и спортски клубови и медиуми, а и кога ќе се покачи минималната плата или ќе се воведе кризна „капа“ на профитните маржи од кои добро заработуваат, први се што се бунат, први се кои инсистираат за помош од Буџетот, а некои и јавно, дрско се закануваат (како, неодамна, во случајот со цените на енергенсите). Во своите банки „дерат“ народ со милионски годишни провизии и камати, а кога ќе дадат некоја „општествено одговорна“ донација, мислиш од сопствена уста одделуваат. Но, тоа сите го знаеме, а и го гледаме.

Има и многу работи што не се гледаат, а за илустрација не мора да се оди понатаму, доволно е да се следат судењата на кои во лепеза од различни правни својства седи г. Орце Камчев, можеби најбогатиот од богатите македонски државјани. Правно-политичките махинации што самиот Камчев ги раскажува или за кои го товарат обвиненијата говори за една комплетна симбиоза на неговите бизниси и, само во случајов, претходниот режим на Груевски. Сведочиме едно неверојатно проблематично морално-политичко, деловно и правно поведение. И сето тоа, наводно, „во рамките на законот“.

ПРОФИТИТЕ ИМ РАСТАТ

Но, кога веќе и ние, со право – и покрај нашата релативна безначајност во мерките – без размислување се вклучивме во меѓународните санкции кон Русија и нејзините олигарси, не е ли време малку системски да размислиме за тоа како самите да си го подзачистиме нашиот олигархиски двор? Контроли, повисоки даноци, поригорозни казни за разни махинации…

Македонија е, имено, капиталистичка земја, а идеалот на тој економско-политички систем е што поголем број граѓани да станат ако не милионери, барем онакви кои нема да живеат на загарантираните минимални или просечни плати. Може ли тоа да се постигне ако не се „чепне“ од најбогатите и од оние на неколку скалила под нив?

Одговорот, се разбира, е дека само на тој начин нема да се решат суштинските проблеми на македонскиот економски и социјален систем. Но, зошто и тоа да не биде дел од поголемиот „пакет“ со кој се бара решение за излез од општата криза во која, патем, олигарсите и понатаму одлично заработуваат.

И што чека оваа, наводно, социјалдемократска власт? Или немаат согласност од олигарсите за ова ни да размислуваат?

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ