Во организација на иницијатива на здруженијата членки на Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ*, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата на жени од Шуто Оризари, во понеделник, 4 април, со почеток во 10:45 часот наутро пред Влада ќе се одржи протест против актуелните политики на кратење на средствата од здравствената заштита на граѓаните и од јавното здравје.
Протестот има за цел да го изрази и артикулира насобраното незадоволство кај граѓаните од односот на Владата кон здравството воопшто.
Протестот ќе започне со прес-конференција пред Владата на Република Северна Македонија, а ќе продолжи со марш до Министерството за здравство. На прес-конференцијата ќе се обратат претставници на организациите иницијатори.
Постои можност да се обратат и други говорници, доколку претставуваат засегната група пациенти или граѓани во одреден здравствен ризик или работат на полето на заштита на здравјето во граѓанскиот сектор. Овој протест е можност да се чујат вашите гласови погласно во јавноста, а особено пред одговорните институции. Заинтересираните е потребно да нè контактираат најдоцна до сабота, до 17:00 часот со цел да се направи соодветна координација, велат од организациите иницијатори.
Ве повикуваме да се приклучите кон протестот и да го повикате своето членство и поддржувачи. Протестот е граѓански и на него не се повикани официјални лица од политички партии, потенцираат организаторите.