Убаво е да се честита и да се одбележува Меѓународниот ден на Ромите 8 Април, меѓутоа денот на Ромите не е само денес, ден на Ромите беше и вчера, а ден на Ромите ќе биде и утре, бидејќи Ромите треба да бидат рамноправни граѓани во општеството секој ден, а не само еден ден во годината, истакна Дехран Муратов од ЦИВИЛ, на денешниот мулти-култи бриф на ЦИВИЛ.
„Ако денес има манифестации, коктели, балови, од утре ромската етничка заедница како да не постои во општеството, повторно ќе имаме системска дискриминација. Повторно од утре ромските деца ќе бидат на последната клупа во училиште или ќе учат во една паралелка, сеграгирани. Повторно од утре бездомниците ќе бидат на улица, а веќе гледаме дека има иницијатива да ги отстранат од згрижувачкиот центар „Ранка Милановиќ“. Повторно нема матичен гинеколог во општина Шуто Оруизари, а секогаш пред избори има матичен гинеколог, кога ќе завршат изборите по неколку месеци тој си заминува, исчезнува“, истакна Муратов.
Муратов и тимот на ЦИВИЛ, уште една го осудија немилиот настан кога градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, во координација со полицијата и медиумите направија крими серија, односно реалити-шоу во кое ги прикажаа и омаловажија Ромите дека се крадци. Со тоа се создава наратив и слика дека сите Роми се крадци.
Муратов додава дека доколку државата и локалната самоуправа ги вработат Ромите тогаш нема да има кражби (на дрва), доколку децата се на училиште тогаш нема да бидат на улица да питачат и слично.
„Ние како општество целиме кон промени и едно општество за сите, каде што бројките и процентите нема да бидат предуслов за одредени права, туку самата индивидуа ќе ги ужива сите права кои и се загарантирани според Уставот и законите“, додаде тој.
Муратов се осврна и на говорот на омразата кон ромската етничка заедница, особена на социјалните мрежи и бара од институциите да ги санкционираат сите што користат таков говор.
камера и фотографија: Биљана Јордановска
монтажа: Ариан Мехмети