Велика Британија се обидува да ги потврди наводите дека руските сили употребиле хемиско оружје во нападот на украинскиот стратешки пристаништен град Мариупол, што е под опсада повеќе од еден месец, соопшти синоќа британското Министерство за надворешни работи, пренесува МИА.
– Информациите укажуваат дека руските сили можеби употребиле хемиски агенси во нападот врз жителите на Мариупол. Работиме итно со нашите партнери за да ја потврдиме оваа информација, напиша на Твитер британската министерка за надворешни работи Лиз Трaс.
Таа додаде дека секоја употреба на овој вид оружје „би претставувало брутална ескалација во конфликтот и ќе го повикаме (рускиот претседател Владимир) Путин на одговорност“.
Украинската пратеничка Ивана Климпуш вчера изјави дека Русија употребила „непозната супстанца“ во Мариупол, што предизвикало респираторни проблеми кај населението. Најверојатно е хемиско оружје, објави Климпуш на Твитер.
Секретарот за печат на Пентагон, Џон Кирби изјави дека Пентагон не може да ги потврди извештаите дека руските сили употребиле хемиско оружје во Мариупол, но официјалните лица и понатаму се загрижени за потенцијалната руска употреба на можен напад со хемиски супстанци.
„Овие извештаи, доколку се вистинити, се длабоко загрижувачки и ја одразуваат загриженоста што ја имавме за потенцијалот на Русија да користи различни средства за контрола на немири, вклучително и солзавец измешан со хемиски агенси, во Украина“, рече Кирби.
Извор близок до украинското Министерство за одбрана изјавил дека веројатноста руските напаѓачи да користат хемиско оружје во Мариупол е многу голема.
„Веројатноста руските фашисти да користат хемиско оружје е многу голема“, рече изворот, коментирајќи ги извештаите за употреба на хемиско оружје во Мариупол.
Претходно борците на Азовскиот полк соопштија дека во Мариупол руските напаѓачи користеле отровна материја од непознато потекло, која била исфрлена од непријателски летало.
Додека заменик градоначалникот на Мариупол, Петро Андрјушенко на Телеграм објави дека хемиските напади не се потврдени.
М.Д.