Министерството за надворешни работи на Украина е разочарано од неподготвеноста на францускиот претседател Емануел Макрон да го признае геноцидот врз Украинците по злосторствата на руската војска и јавните изјави на руското раководство.
„Неподготвеноста на францускиот претседател Емануел Макрон да го признае геноцидот врз Украинците по сите отворени изјави на руското раководство и криминалните дејствија на руските војници е разочарувачка“, изјави во коментар за „Укринформ“ портпаролот на МНР Олех Николенко.
Како што беше наведено, Украина и Русија се историски блиски од објективни причини, но митот за двата братски народи во Русија и Украина почна да се урива по окупацијата на Крим и агресијата во Донбас во 2014 година.
„Тогаш руските „браќа“ наводно дојдоа да го заштитат населението што зборуваше руски, но убиваа 14.000 Украинци осум години“, нагласи Николенко.
Според него, овој мит конечно бил срушен кога првите руски проектили полетале во украинските градови во февруари.
„„Братски“ луѓе не убиваат деца, не пукаат во цивили, не силуваат жени, не осакатуваат стари лица и не ги уништуваат домовите на другите „братски“ луѓе. Дури и најжестоките непријатели не вршат ѕверства врз беспомошни луѓе. Во моментов, нема морална или реална основа да се зборува за „братски врски“ меѓу рускиот и украинскиот народ“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина.
Претходно, во интервју за France 2, Макрон одби да ги нарече акциите на Русија во војната против Украина „геноцид“ и рече дека Русите и Украинците се „браќа“.
подготвил Д.Мишев