ВЕСТ НА ДЕНОТ
Ковачевски – Ердоган: Северна Македонија и Турција продолжуваат со одлична билатерална и економска соработка
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, информираат oд прес службата на Владата.
На средбата, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заеднички беа констатирани традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Премиерот Ковачевски на средбата со турскиот претседател Ердоган го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност. Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Руската армија се обидува да распореди резервни сили во Донбас. Но, какви резерви можат да имаат сега? Се чини дека ќе се обидат да ги фрлат во битка слабо обучените регрути и оние што беа собрани со прикриена мобилизација. Руските генерали го гледаат својот народ едноставно како топовско месо што им е потребно за да добијат предност во бројка – во работна сила, во воена опрема. И ова значи само едно: Русија може да ја премине линијата од 40.000 изгубени војници веќе во јуни. Во ниедна друга војна во многу децении не изгубиле толку многу“, посочи украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Амнести интернешенел најде докази дека руските трупи постојано користеле распрскувачки мини и касетна муниција 9N210 / 9N235 забранети со меѓународното право.
*
Противвоздушните ракетни единици на Вооружените сили на Украина го соборија рускиот бомбардер Су-34 во регионот Харкив, изјави командата на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина на Telegram, пренесува Укринформ.
*
Во заробениот Мариупол, агресорите и нивните соработници од локалното население почнаа да тргуваат со украдена хуманитарна помош, објави Петро Андриушченко, советник на градоначалникот на Мариупол,во извештај на Телеграм, пренесува Укринформ.
*
Руските сили ги потиснаа украинските единици од центарот на Северодонецк, битката е во тек.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КУЛТУРА Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска смета дека треба да биде отворен македонски културно – информативен центар во Брисел, информираат од Министерството за култура.
РЕГИОН Седум пратеници ќе ја напуштат пратеничката група на бугарската партија „Има таков народ“, дознава „24 часа“. Тие ќе ја напуштат групата, иако се уште немаат цврст договор со „Продолжуваме со промената“, а се уште чекаат понуди за партнерство.
МТСП Инклузијата на децата Роми во предучилишниот процес е клучна за нивниот натамошен развој и вклучување во образовниот систем, нагласи министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Тони Поповски – архитект, политиколог, независен консултант, колумнист зборува за архитектурата и урбанизмот, урбаното и руралното, екологијата и анархијата, како и за политиката, партиите, изборите, поделбите, интеграциите…
МУЛТИКУЛТУРА
Божиновски: Со мултикултурализмот се добива тродимензионална слика за секое прашање
СЛОБОДНА ЗОНА

Кога “шегата“ на премиерот Еди Рама би била навистина иронија упатена кон Бугарија, односно кон ЕУ?
Доколку во процесот на претставување/поздравување на премиерот Еди Рама со канцеларот Олаф Шолц, тој се претставеше себе си како можеби иден премиер на Западна Бугарија.
Тоа е шега на своја сметка, во рамките на сопствената протоколарна рамка, директно насочена кон територијалните аспирации кои ги пројавува Бугарија кон Македонија и со јасна алузија на попустливоста на ЕУ кон овие многу отворени територијални аспирации.
Сè друго е нарушување на протоколот кое води кон омаловажување на Македонија.
Заради ова, вмешувањето и нарушувањето на протоколот од страна на премиерот Еди Рама не е ниту шармантно, ниту духовито, ниту пак е прифатливо како иронија или сарказам, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Ако немаат леб, нека јадат колачи“ на Марија Антоанета, не е иронија“.

Неодамнешната конференција во МАНУ по повод еден век од раѓањето на Црвенковски претставува доказ како се однесуваме кон оние претставници од нашата политичка историја кои не смеат да се заборават. Имено, немаше никаква најава за настанот, тој започна многу рано (во девет часот наутро), одгласот во медиумите беше очаен или поточно – никаков, а трудот на учесниците на конференцијата на тој начин просто девалвиран.
Ќе имаме ли исправка за тој однос кон Црвенковски после нови 100 години?, пишува Љубомир Костовски во колумната „Крсте Црвенковски: Корифеј на антибирократските промени во општеството“.
Д. Муратов












