ВЕСТ НА ДЕНОТ
Украина и Молдавија добиваат кандидатски статус за членство во ЕУ
Европската комисија денеска препорача Европската унија да и додели кандидатски статус на Украина и на Молдавија, додека од Грузија ќе биде побарано да исполни одредени услови пред да го добие тој статус.
-Европската комисија предлага Украина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека тоа значи дека Украина спроведува реформи.
-Украина јасно ги покажа аспирациите и одлучноста на земјата да живее во согласност со европските вредности и стандарди, изјави таа во Брисел.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Врз основа на предлогот кој што тие го имаат, односно ќе го усогласат, бидејќи очигледно тој не е усогласен на ниво на сите земји на ЕУ, бидејќи Бугарија е земја членка на ЕУ, истиот кога ќе биде подготвен тој документ, ќе биде доставен до нас. Тогаш нормално дека ние ќе ги дадеме нашите забелешки. Јас ги кажав нашите позиции, тие се многу јасно дефинирани и во нашето Собрание до кое што се придржуваме. Нема разговори за македонскиот јазик, идентитет и решението треба да содржи севкупно решение и гаранции дека со ова веќе нема да постојат никакви други барања во однос на нашето понатамошно напредување во интеграцијата на ЕУ”, рече премиерот Димитар Ковачевски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Сојузниците на НАТО треба да подготват нов одбранбен модел за источното крило на блокот, кој се очекува да биде одобрен на претстојниот самит во Мадрид кон крајот на јуни, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува дописникот на Укринформ.
*
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска пред Советот за безбедност на ОН изјави дека руската војна против Украина е напад врз темелите на светскиот поредок и дека неутралноста во тој конфликт значи поддршка за агресорот, пренесува МИА.
*
Евакуацијата од централата Азот во градот Северодонецк, регионот Луганск, во моментов е невозможна, објави на Телеграм Серхи Хаидаи, шеф на регионалната воена управа на Луганск, пренесува Укринформ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Денес како што ја славиме четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, важно е да се нагласи дека како што Грција и Северна Македонија можеа да го надминат нивниот спор и да го решат со заеднички договор, очекуваме Бугарија да ги зајакне нејзините напори и да го направи истото, порача еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во видео обраќањето на панелот „65 години по Договорот од Рим: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана?“, во рамки на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Охрид, пренесува МИА.
ПОЛИТИКА Францускиот предлог за одлука за ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ е испратен до Комисијата за надворешни работи на бугарското собрание, пишува БНР повикувајќи се на два независни извори од парламентот.
БУГАРИЈА Страстите во пленарната сала повторно се разгореа. Неколку минути по почетокот на средбата, Мирослав Иванов беше принуден да објави пауза од 20 минути, јави репортерот на БГНЕС. Новата тензија, која прерасна во физичка пресметка меѓу пратениците на „Продолжуваме со промената“ и ДПС, дојде по изјавата на Костадин Костадинов од „Преродба“.
СВЕТ Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател денеска ја одобри екстрадицијата на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во САД, каде што ќе се соочи со обвинение за шпионажа, пренесува МИА.
РЕГИОН Условување на евроинтеграциите со билатерални прашања ќе го отежне патот на сите нас од Западен Балкан кон ЕУ, вели премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
ТУРЦИЈА Шеснаесет турски новинари вчера беа приведени и ќе бидат изнесени пред суд под обвинение дека се поврзани со прокурдски медиуми и за членство во „терористичка организација“, пренесува МИА. Новинарите работеа за медиуми поврзани со прокурдската Демократска народна партија, која ризикува да биде забранета во Турција поради наводни врски со забранетата Курдска работничка партија (ПКК). Демократската народна партија негира каква било поврзаност со ПКК.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Даница Стојанова – пијанистка, музички педагог, актуелна директорка на Музичко балетскиот училиштен центар „Илија Николовски Луј“ зборува за себе и уметноста, за хуманоста и општеството, за учениците и перспективите и за уште по нешто.
ИНТЕРВЈУ
„Зелените вредности не се однесуваат само на заштитата на животната средина, туку и на развој на демократијата, борба против корупција, владеење на право, почитување на човековите права, особено правата на жените, на маргинализираните заедници, солидарност, социјална правда… Сето тоа е подеднакво важен дел во зелените политики, исто како и заштитата на животната средина и климата“, вели претседателката на ДОМ и пратеничка во македонското Собрание, Маја Морачанин во интервју за Грин ЦИВИЛ.
МУЛТИКУЛТУРА
Мулти култи бриф, единаесетто издание
ЗАД ДИМНАТА ЗАВЕСА
Божиновски: За разлика од Путин, Европа нема свои ботови, нема организирана пропаганда
СЛОБОДНА ЗОНА

Филзофот Кангрга има речено за оние како луѓето од штабот во Шампита, кои потреба, па и дневно коперникански ги менуваат своите ставови и идеологии дека се шверцери со своите животи. Бидејќи и генерално како да омекнува односот на ВМРО ДПМНЕ кон социјализмот, како мамец за привлекување на разочараните во земјава, предлагам функционерките на оваа партија да почнат да носат боросанки. Добро би и стоеле на кметицата Арсовска, бидејќи би ја поддржувале нејзината голема активност?! И… во духот на промените, нека побараат од надлежните обнова на процесот за враќање на Инвалидскиот дом на борците, пишува Љубомир Костовски во колумната „Шверцери на сопствените животи“.

Големите теми имаат често и неразбирливи имиња. Mожеби тоа е за да се истакне нивното значење. Кога се работи за најдлабоките чувства каде се мешаат стравот од непознатото и надежта, тогаш најприкладно име е неразбирливото. Зошто верските институции имаат посебен јазик во комуникацијата со верниците и зошто верските обреди често се на компликуван јазик? Божјата порака треба да биде најјасна за да допре до срцата на луѓето што ја примаат таа порака, пишува Војо Маневски во колумната „Томос“.
Д. Муратов










