Руските напаѓачи целосно го зазедоа градот Северодонецк, регионот Луганск, и назначија „командант“. Сега снимаат пропагандистички видеа со цивили, кои ги напуштаат засолништата за бомби во фабриката Азот, изјави началникот на градската воена цивилна управа на Северодонецк, Олександр Стриук, за време на националниот телетон, јавува дописникот на Укринформ.
„Градот сега е под целосна окупација на Русија. Тие се обидуваат да воспостават свој поредок. Колку што знам, назначија некаков „командант“, кој сега собира некое „активно јадро“, рече Стриук.
Според неговите зборови, градот е сериозно оштетен и на цивилите ќе им биде тешко да преживеат таму. Сепак, највиталните лекови се однапред складирани во локалната болница за да се осигура дека може да се обезбеди медицинска помош во случај на итност.
Според Стриук, цивилите почнале да ги напуштаат засолништата за бомби во фабриката Азот, а руските напаѓачи снимаат пропагандни видеа со нив.
„Овие луѓе поминаа околу три месеци во засолништа за бомби, подруми. Тешко им е емотивно, психички. Сега им е потребна помош, медицинска и психолошка“, истакна Стриук.
Во моментов, цивилите можат да заминат само на териториите окупирани од Русија. Невозможно е да се евакуираат луѓето преку контактната линија, додаде Стриук.
Северодонецк е практично уништен во континуираното гранатирање на Русија. Според шефот на регионалната воена управа на Луганск, Серхи Хаидаи, критичната инфраструктура е целосно уништена, а околу 80 отсто од станбените куќи треба да се урнат, бидејќи се сериозно оштетени.
Подготви: Д.Мишев