ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ: НЕ за говорот на омраза и насилството на протести
ЦИВИЛ најостро го осудува насилството и говорот на омраза на протестите што се одржуваат под мотото „Ултиматум, не благодарам“, против европскиот предлог за пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Унијата, протести кои требаа да бидат граѓански, но повеќе од очигледно е дека се оркестрирани од одредени опозициски политички партии.
Протестот како израз на незадоволство и укажување е неприкосновено човеково право, и како такво, треба да се почитува. Но, кога граѓански протести се користат од одредени центри на моќ за демонстрирање насилство, говор на омраза по етничка основа, навреди и повици на смрт, за свои интереси кои се исклучително деструктивни за општеството и државата, тогаш се рушат темелите на демократијата врз која се гради и надградува општеството.
ЦИВИЛ ги повикува лидерите на политичките партии да се воздржат од поттикнување и повици за насилни дејствија и говор на омраза. Со насилство не се решава ништо, а со говор на омраза кон сограѓани, само се поттикнува политичко насилство. Тоа е неприфатливо и спротивно на законите на јавниот интерес.
ЦИВИЛ апелира до одредени медиуми да не поттикнуваат омраза со дезинформации, лажни вести и поделеност, а до надлежните институции, да ја исполнат својата законска обврска да ги заштитат јавниот интерес, мирот и безбедноста и соодветно да ги санкционираат сите активности што излегуваат надвор од рамките на гарантираното право за мирен протест.
ИЗЈАВИ НА ДЕНОТ
Францускиот предлог е нашата конечна шанса за европска интеграција после 17 години чекање и изгубени генерации, смета Нола Исмајлоска Старова, национална координаторка за регионална соработка и европски интеграции во Владата и поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, која во разговор со ЦИВИЛ МЕДИА уверува дека ова е вистинското време да се врати надежта кај македонските граѓани дека како што успеавме да го развиориме македонското знаме во НАТО, ќе успееме и во Европската Унија. Според неа, опозицијата наметнува наратив чија функција е создавање страв, несигурност и сомнеж кај македонските граѓани.
„Тоа е тажно. Тие наметнуваат наратив кој е креиран за создавање страв, несигурност и сомнеж кај македонските граѓани. Затоа ние мора да бидеме гласни, трпеливи и прецизни во своите ставови. Ние треба да се бориме против нивната загрозена кариера со вистината. Време е наместо да креираме имагинарни непријатели, да се бориме со знаење, реформи и успеси. Не можеш да победиш надвор од рингот, а нашиот ринг е токму Европа и Европската Унија. Зошто се плашат од тој ринг?“ – рече Нола Исмајлоска-Старова во интервјуто за Цивил Медиа.
*
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најостро ги осуди синоќешните настани пред Собранието, кога 47 полицајци беа повредени од кои двајца потешко. Спасовски утрово ги посети двајцата полицајци на Клиника за неврохирургија.
„Сите информации се собрани дури и за организаторите, рече Спасовски додавајќи дека полицијата има информации дека насилни протести би можеле да се повторат и вечерва дури и со употреба на молотови коктели притоа повикувајќи ги организаторите и лицата кои се подготвуваат за вакво сценарио да се откажат од него“.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека синоќа сирените за воздушен напад биле вклучени речиси низ цела Украина и повторно ги повика сојузниците да обезбедат модерни противракетни системи.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии денеска ја одржаа прва средба на која ќе се разговара за заклучоците што треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието во врска со европскиот предлог и отпочнувањето на преговори за влез во ЕУ.
САНКЦИИ Ја следиме состојбата на терен со цените и на енергенсите и на основните прехранбени производи. Ќе има мерки и казни против оние фирми кои ја злоупотребуваат ситуацијата со енергетската криза, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
СОРАБОТКА Албанската Влада денеска одлучи да ги укине царините за стоки со потекло од Северна Македонија, Србија и од Косово, кои минуваат преку албанските гранични премини, пренесува Јуроњуз Албанија.
Левица хушкаше и повика на радикализација, а потоа се огради од насилните протести
ДЕЗИНФОРМАЦИИ
Дезинформација за наводни протести „од другата страна на Вардар“
Интернет страницата News1.mk објави текст со наслов „(ФОТО) Навивачи на Шверцери – Шкупи протестира на другата страна на Вардар “. Текстот се појави за време на насилните протести против решението на ЕУ за македонско-бугарскиот спор, што се одржаа пред трите македонски институции, Собранието, Владата и МНР, вечерта на 5 јули.
За што се работи?
Вистината е дека се работи за навивачка група на фудбалскиот клуб „Шкупи“ која се собра за поддршка на нивниот спортски клуб. Навивачите се собраа во пресрет на фудбалски натпревар што е дел од „Лигата на шампионите“ во кој играше скопскиот фудбалски тим Шкупи со Линколн Ред Импс од Гибралтар. Не да протестираат. Ништо не може да биде поврзано со протестите, освен што фудбалскиот натпревар се одржа во исто време со протестите.
*
Не е точна изјавата на руското Министерство за одбрана дека од почетокот на руската агресија во Украина се убиени дваесет платеници од Северна Македонија, а дека во Украина да се борат вкупно 79 платеници од РСМ. Зоран Апостолоски од Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот за Portalb.mk изјави дека ова е руска пропаганда. Ваква потврдена информација немаат ниту МНР и МВР, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
СЛОБОДНА ЗОНА
Во реалната стварност, не во таа што ја проектираат емоциите стимулирани од вморовски буники и квазиинтелектуални прдежи, Францускиот предлог е документ под кој би се потпишал секој минимум нормален, разбран и добронамерен човек…
Ако фатиме да рудариме ќе најдеме милион забелешки и на македонскиот устав и на американскиот и на Повелбата на Обединетите нации и на Магна карта либертатум и на Библијата и на Коранот и на Тората и на Талмудот и на песните на Дилан Томас, за Петре М. Андреевски да не збориме, пишува Бранко Тричковски во колумната „Стриптиз на Злотo“.
„За кои легитимни народни протести ми кажувате? За оние демонстранти вечерва што скандираа „шиптарска полиција”, за оние кои маваа по амбулантното возило дури се превезуваше повреден, за оние што фрлаа молотов коктел на полицијата…
„За тие ли ми кажувате дека имаат демократско право на протест? Тие ли да ми го бранат идентитетот? Кој повика вчера на општа радикализација, а денес се тресе дека му го узурпирале протестот?
Таа хушкачка гнида заедно со сопругата, што на протести оди со бодигард, багра платени запалливи ботови и оној немиен клукајдрвец инфлуеСерко вонаби бетмен серко на кого му лајкате. Со Тие ли ќе ми го браните јазикот?“, пишуива Јане Ѓорѓиоски во колумната „Вакви рубљи-демонстрации ли ќе ми споредувате и поистоветувате со Шарена револуција. Марш бре!“.
„Вергините, маскираните и русјаците ни ја палат државата. Не, тоа не се граѓански протести, тоа се насилства кои имаат една цел: Македонците да страдаат и да не одат напред со европскиот современ свет“, пишува Марјан Забрчанец во „Демократи, спротиставете се, одбијте ги овие црни анти-македонски сценарија“.
Д. Муратов