Претставниците на Украина ниту еден ден не престанаа да работат за да добијат ефикасен систем за противвоздушна одбрана, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање.
Сигурен сум дека сте виделе колку е ефективно оружјето што ни го обезбедуваат партнерите, особено модерните ракетни фрлачи. Името HIMARS стана речиси толку родно кај нашиот народ – како и Javelin или NLAW, како „Стугна“ или „Нептун“, рече Зеленски.
И очигледно е дека следното исто толку значително име ќе се појави од современите системи за противвоздушна одбрана, што го бараме од партнерите. Претставниците на нашата држава ниту еден ден не престанаа да работат за да добијат ефикасен систем за противвоздушна одбрана. И за ова имаме одредени договори, има одредени успеси кои ни дозволуваат да уништиме дел од ракетите, но потребна е сосема друга брзина и размер на заштита, истакна Зеленски.
Но, нагласи тој, сè зависи, за жал, не од Украина, туку од политичките одлуки што може да се донесат во клучните главни градови. И затоа оваа тема за противвоздушна одбрана денеска стана клучна во говорот на Првата дама на Украина пред Конгресот на Соединетите Американски Држави. Тоа беше првпат во историјата Првата дама да има вакво обраќање пред Конгресот и тоа секако е чест за Украина, за целиот наш народ.
Говорот беше максимално практичен и искрен – всушност во име на сите наши семејства. Олена зборуваше за жртвите на рускиот терор и за вистинската можност нашите американски пријатели да ни помогнат да го запреме овој терор. Ова може да биде наша заедничка победа – на украинскиот и американскиот народ, нагласи Зеленски.
Тој изрази надеж дека нема да доцнат одговорите на украинските барања. Рускиот терор мора да загуби.
Подготви: Д.Мишев