Утрово првиот конвој бродови натоварени со украинско жито ги напушти таканаречените пристаништа на Големата Одеса, изјави украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков на Фејсбук, јавува дописникот на Укринформ.
„Утринава првиот конвој бродови со украинско жито ги напушти пристаништата на Големата Одеса. Трите носачи на рефус, „Нави Стар“, „Ројен“ и „Поларнет“ превезуваат 57.000 тони пченка од украинско производство наменета за Турција, Велика Британија и Ирска. Денешниот конвој ја продолжи пловидбата од пристаништето Чорноморск“, се наведува во извештајот.
Кубраков изрази надеж дека безбедносните гаранции обезбедени од Обединетите нации и Турција ќе останат на сила, а извозот на храна од украинските пристаништа ќе биде стабилен и предвидлив за сите учесници на пазарот.
„Во овој поглед, планираме да обезбедиме можност на пристаништата да се управува со повеќе од 100 бродови месечно. Иако „житниот коридор“ веќе почна да работи на излез, нашата цел е да обезбедиме целосна работа на пристаништата во двете насоки. Добиваме барања од сопственици на бродови, кои се подготвени да влезат во нашите пристаништа за утовар, а првиот брод се очекува да дојде утре. Нашата месечна цел е 3 милиони тони земјоделски извоз, и повеќе, од пристаништето Одеса, пристаништето Чорноморск и пристаништето Пивденни. Таквите чекори се неопходни не само за економијата на Украина, туку и за светот. Колку побрзо можеме да испорачаме 20 милиони тони земјоделски култури собрани минатата година и да започнеме со извоз на новособраните култури, толку побрзо ќе се подобри глобалната ситуација со храната“, истакна Кубраков.
На 1 август 2022 година, бродот „Разони“, кој пловел под знамето на Сиера Леоне, го напуштил пристаништето Одеса за да испорача 26.000 тони пченка произведена од Украина до либанското пристаниште Триполи.
Подготви: Д.Мишев