Компанијата Лафарж, сега под раководство на швајцарската група Холцим, денеска објави дека се согласила да плати казна од 778 милиони долари во САД и да ја признае вината за помагање на „терористичките“ организации во Сирија, вклучително и Исламската држава, во периодот меѓу 2013 и 2013 година и во 2014 г.
Француската групација за производство на цемент ја прифати „одговорноста за постапките на поединци, чие однесување беше флагрантно кршење на кодексот на однесување“, соопшти Лафарж, изразувајќи длабоко жалење за тие дела.
Групацијата денеска пред американскиот федерален суд се изјасни за виновен за обвиненијата дека им платил на групите што САД ги сметаат за терористички, вклучително и ИД, за да продолжат да работат во Сирија по избувнувањето на конфликтот во таа земја во 2011 година.
Акциите на Холцим, матичната компанија на Лафарж, денеска беа привремено суспендирани од швајцарската берза по објавувањето на првите информации за договорот со Министерството за правда на САД.
Компанијата е обвинета и во Франција за „соучесништво во злосторства против човештвото“ во врска со нејзините активности во Сирија.
Американските обвинители обвинија дека Лафарж и нејзината сириска филијала Лафарж Цемент Сирија меѓу 2013 и 2014 година платиле околу 5,9 милиони долари преку посредници на ИД и Фронтот Ал Нусра за да им овозможат на нивните вработени, клиенти и добавувачи слободно да минуваат низ контролните пунктови во Сирија.
Тоа според обвинителите, обезбедило Лафарж да одржува активноста на фабриката за цемент во Сирија, во Џалабија додека земјата тонеше во војна и да има непречен приход од околу 70 милиони долари од неговата фабрика во северна Сирија.
Обвиненијата произлегуваат од дојавата од групите за човекови права во Франција од 2017 година дека Лафарж платиле 13 милиони евра на вооружени групи, вклучително и милитанти на ИД, за да продолжат да работат во Сирија меѓу 2011 и 2015 година.
Тоа е првпат една компанија да се изјасни за виновна во САД по обвиненијата за обезбедување материјална поддршка на терористичка организација.