Белградската полиција соопшти дека добила закани за поставени бомби на повеќе локации во градот, додека медиумите пишуваат дека 50 бомби биле поставени на 12 локации низ Белград.
Како што јавуваат белградските медиуми во испратените пораки, се наведува дека девет бомби биле поставени во Студентскиот дом на булеварот Крал Александaр, една во Амбасадата на Белорусија, 17 бомби во Трговскиот центар Ушќе, две бомби во КФЦ на Студентскиот плоштад, девет на Аеродромот Никола Тесла (од кои четири на паркингот под цивилни автомобили), шест бомби во Трговскиот центар Делта Сити, една бомба на Филозофскиот факултет на вториот кат, четири бомби во зградата на Ректоратот на Белградскиот универзитет, две на Уметничкиот универзитет, три во Земунската болница, по една бомба во три обложувалници Меридијанбет.
Во мејловите се вели дека Србија е сè уште тројанскиот коњ на Путин во Европа.
-Одржувате заедно разузнавачки проекти, таа ваша издрогирана будала Вулин доаѓа во Москва за да подготви дополнителни методи на репресија и угнетување и да ја шири волјата на Путин. Масовните четнички касапи и силувачи сега се ваши примерни граѓани, цајкани, војници, политичари, бизнисмени. Целата ваша земја е извалкана со невина крв и никој од вас нема храброст тоа да го осуди, се наведува во мејлот, додавајќи дека „ќе има крв до лактите”.
Според информациите, специјализирани полициски екипи во моментов се излезени на терен и ги истражуваат наводите за поставени бомби.












