ВЕСТ НА ДЕНОТ
МВР: Повторно лажни пријави за поставени бомби
МВР известува дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека четири училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украинската војска напредува кон Херсон, Путин се крие Разликата помеѓу војска во повлекување и разбиена војска е во тоа што при првото, војниците генерално го носат оружјето со себе. Нема гаранција дека она што ќе го видиме од руската армија додека се повлекува од западниот брег на реката Днипро, нема да спаѓа во претходната категорија.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека не ја „треснал“ вратата за потенцијалните мировни преговори со Руската Федерација.
-Не ја треснав вратата. Реков дека ќе бидеме подготвени да разговараме со Русија – но со друга Русија. Онаа која е навистина подготвена за мир. Онаа која е подготвена да признае дека тие се окупатори… Но само доколку вратат се. Земја, права, слобода, пари. И што е најважно, правда, рече Зеленски во интервју за Си-ен-ен, што беше објавено вчера.
Русите убија двајцам и повредија пет цивили На 10 ноември 2022 година, двајца цивили загинаа, а пет беа повредени во руското гранатирање на регионот Доњецк, објави началникот на регионалната воена управа на Доњецк, Павло Кириленко на Телеграм.
„На 10 ноември 2022 година, двајца цивили беа пријавени како убиени од Русите во регионот на Доњецк, имено во Бахмут и Авдиивка. Дополнително, службениците за спроведување на законот открија шест тела на убиените за време на руската окупација: четири во Дробишеве и две во Јарова. Уште пет лица се повредени во регионот“, напиша Кириленко.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПЕНДАРОВСКИ ВО ПАРИЗ Претседателот Стево Пендаровски престојува во работна посета на Француската Република, по повод негово учество на 5. издание на Парискиот мировен форум.
МАРИЧИЌ ВО БРИСЕЛ Заменик претседателот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, после завршувањето на првиот дел од билатералниот состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, кое е во рамки на Кластерот 1, „Фундаментални вредности“ изјави дека македонскиот преговарачки тим имал одличен почеток на билатералниот скриниг, со јасни и добро подготвени презентации, препознаени и од Европската комисија.
ОСМАНИ ВО ЛАТВИЈА Во рамки на својата работна посета на Република Латвија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи го посети кампот Адази, каде во склоп на Мултинационалната борбена група на НАТО, под команда на канадскиот потполковник Филип Сауве а како дел од словенечкиот контингент, учествуваат девет војници од Армијата на Северна Македонија од родот АБХО.
СИНДИКАТ ССМ денеска објави дека претседателот на синдикалната организација на „Водовод и канализација“ Стојанче Кашински добил отказ од страна на в.д. директорот на претпријатието Марјанче Митовски.
ЕНЕРГЕТИКА АД ЕСМ на 10.11.2022 година произведе 10.408 MWh електрична енергија. Во Термоелектраните произведени се 7.562 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 2.846 MWh. Во изминатото деноноќие ЕСМ набави 2.400 MWh електрична енергија, информира Владата.
АНАЛИЗИ
Северна Македонија има веќе постигнато одредено ниво на усогласеност, што исто така е констатирано од ЕК. Во јавноста веќе е познато, дека иако ние не преговараме, веќе сме на истото ниво со Србија и со Црна Гора, меѓутоа, мораме да продолжиме понатаму со реформите за да можеме тоа темпо или тоа ниво да го одржиме, па ако комплетно се заокружи целиот процес на меѓувладината конференција и продолжиме понатаму со преговорите и со другите кластери, тогаш можеби, некои во ЕК велат, можеме да станеме да го забрзаме целиот процес во пристапните преговори,а се очекува до 2030 година веќе да бидеме дел од ЕУ, пишува Соња Танеска во анализата „ Уценува ли Мицковски со избори, во време кога Северна Македонија започнува скрининг за ЕУ?“
СЛОБОДНА ЗОНА

Затоа, процесот на конкурсот за нови млади контролори на македонскиот воздушен сообраќај, под итно, веднаш, уште вчера прво да се стави под лупа на домашните надлежни институции, до контролните, пред се, какви што се владата, инспекциите, обвинителствата, зашто е очигледно, а и не е за првпат, дека надлежните во оваа воздухопловна институција се неотпорни на политички, на моќни партиски притисоци, пишува Зоран Иванов во колумната „ По допрен глас“

Така дојдов до овој прастар збор „пајташи“ и веднаш помислив дека е од турско потекло. Арно ама кога погуглав се отвори суштината не само на овој збор, туку и на еден од начините на кој го организираме општеството во кое живееме. Не само државата, туку и целата зедница ни почива на пајташење, а не на правен систем кој единствено треба да ја има силата на државата зад себе. Ете тој збор бил од персиско потекло, иако според некои лингвисти бил од уште постаро време, потекнувал од прастарите народи и нивните јазици. Издржлив збор со мали прилагодувања на изговорот, ама со исто значење низ милениумите, пишува Војо Маневски во колумната „ Пајташка етика“
Д. Мишев












