РИБАРО
Портирската служба од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ најавиле протест пред седиштето на партијата, јавуваат извори на АХА.
Според она што го дознава АХА, на портирската служба ѝ прекипело тие да се единствените што веруваат и ги поддржуваат измислените афери на ВМРО-ДПМНЕ за сè и сешто, што се пласираат во изминатиов период од Мицкоски, Наум и шака јада луѓе од потесното раководство, па решиле да протестираат.
„Што е многу, многу е! Аман веќе ние да сме „последните Мохиканци“ што ќе ја спасуваме партијата. На ова што се случува во ВМРО-ДПМНЕ сега, си играат мајтап не само пошироката јавност, туку и видни партиски функционери и поддржувачи. Веќе ни членовите на потесното семејство не му веруваат на Мицкоски. Се фатиле тој и оној кутар портпарол Наум, и везат нешто од немајкаде, колку да се имало нешто да се каже во медиумите. Никој повеќе нема верба, па еве и нас ни дојде преку глава и решивме демонстративно да го искажеме нашиот револт со протест против ваквите политики.
Најновава пак афера шо ја крстија „Паразити“, е да се искинеш од смеа. Има ли поголем паразит од него?! Стана асистент кај татка си, па професор, па директор ваму, советник таму, цел живот на државна сметка се шлепа, тој ли за паразити ќе зборува?! Уби нас туџа срамота, како да ви кажам… “, вели за АХА еден од портирите од белата палата, кој сакаше да остане анонимен.
Тој додава дека од утре нема да ги пуштат на главен влез ни Мицкоски ни Стоилковски.
Нема да влезат. Па нека се кријат низ гаража и по гепеци, ко последни неранимајковци, ако не им е срам, вели портирот.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK