Откако повеќе од еден месец, премиерот, министрите, владините и партиските функционери од СДСМ шетаа и се среќаваа со граѓаните во сите градови во земјава, ги слушаа нивните критики и предлози, станува јасно дека се менува начинот на водење на политика во Северна Македонија. Наместо политичарите да ги користат граѓаните само за избори и тие да одлучуваат што е најдобро за граѓаните, со ваквиот пристап граѓаните се тие кои ги даваат предлозите, но и ги критикуваат политиките.
Граѓанските трибни на СДСМ ги заменуваат класичните митинзи, каде што важни беа само бројките на присутни. Претставувањето на политики и држењето говори се заменува со разговор и слушање на предлози кои доаѓаат директно од граѓаните.
Во време на криза токму тоа е и најпотребно на граѓаните, да знаат дека државата е тука за нив, дека е меѓу нив и дека ги слуша нивните потреби. Креирањето на антикризни мерки не може да се прави единствено од кабинет на премиер или министер, туку меѓу народот, со народот и за народот.
Токму кризата и мерките на Владата е една од главните теми кои се разговараат на трибините на СДСМ, каде што од граѓаните се слушаат пофалби, но и конкретни предлози за тоа како државата треба да помогне за справување со кризите. Досега издвоените 760 милиони евра се најголемиот антикризен пакет во регионот, потврден од Светска банка, а предлогот за новиот Буџет покажува дека функционерите ги слушале граѓаните на трибините и дека мерките ќе продолжат.
Друга тема која доминира на граѓанските трибини е и почетокот на преговорите со Европската Унија. По долги години чекање, земјава го откочи процесот, со заштитен јазик и идентитет, а регионалната соработка и соработката со ЕУ помогнаа да се обезбедат енергенси и храна за престојната тешка зима. Токму овие успеси, му овозможија на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски со една нова енергија да се појави меѓу својте сопартијци, за да ги слушне нивните ставови и предлози.
Но освен досегашните политики и постигнувања, веројатно најважниот дел на трибините се разговорите за визијата за развој на земјава. Преовладува оптимизам дека следната, 2023 година, ќе биде пресвртница во економска смисла, а енергетската транзиција ќе ја направи Северна Македонија зелена оаза на Балканот.
Тоа што граѓаните го препознаваат на овие трибини е енергијата која премиерот Ковачевски ја има и ја вложува во справувањето со кризите, но и во креирањето на визијата за напредок на земјава. Тоа е јасно видливо на граѓанските трибини, особено низ разговорите на премиерот со граѓаните, кои отворено разговараат за антикризните мерки и даваат своите предлози за справување со кризите, но и иднината на земјата.
Извор: 24инфо.,мк