ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пензионерите ќе добијат повисоки мартовски пензии
Пензиите во март ќе се зголемат за 8,4 отсто, по одлуката за зголемување на минималната плата на 20.175 денари.
Законот за изменување и дополнување на законот за пензиско и инвалидско осигурување предвидува нов начин на усогласување на пензиите, при што при пресметката на пензиското усогласување се земаат предвид зголемувањето на трошоците за живот и зголемувањето на просечната плата.
Ова метода дава можност и за реално зголемување на пензиите во однос на платите, па со зголемувањето на просечната плата пензиите ќе продолжат да растат.
Усогласувањето на Мартовската пензија согласно методологијата ќе се зголеми за 8,4 % (пораст на плати 6,1 и пораст на трошоци за живот 10.6%) со што просечната пензија од 17.666 ќе се зголеми на 19.150 денари, соопшти МТСП.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Истрефи: Важно е да има договор за успешно завршување на дијалогот меѓу Косово и Србија започнат во 2011 година
Пред критичната средба, поддржана од ЕУ, меѓу косовскиот премиер, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 18 март во Охрид, разговаравме со политичкиот аналитичар Астрит Истрефи, извршен директор на Балкан Форум, истакната тинк-тенк организација од Косово.
Разговаравме за актуелната состојба во односите меѓу Република Косово и Република Србија и за перспективите на дијалогот Белград-Приштина, поконкретно за Предлогот-Договорот на ЕУ за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија.
„Како што знаете, имаше многу тензии меѓу двете земји, тоа е нешто што се провлекува подолго време. Очекуваме дека планот, всушност, временски рамки и распоред за тоа како европскиот план би се имплементирал, да биде потпишан на 18 март во Северна Македонија. Лично не верувам дека било што ќе се потпише на 18, но се надевам дека скоро може да имаме сé договорено во однос на продолжување со решавање на најгорливите прашања меѓу двете земји, што сега се втемелени во основниот документ на Европска Унија“, рече Истрефи во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРНИ РЕФОРМИ Министерот за правда Кренар Лога ги повика сите политички партии да дадат свој придонес и со консензус да биде донесен новиот Изборен законик. Подготвен е претседателот на работната група која треба да работи на Изборниот законик да биде на предлог на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
(НЕ)ПРАВДА Основниот Кривичен суд – Скопје ја запре кривичната постапка против поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски поради настапување на апсолутна застареност.
СТУДЕНТСКИ ОБРОК Од 01.04.2023 година, секој студент- корисник на субвенциониран студентски оброк да добива износ од 140 денари дневно. Критериумите за корисник остануваат непроменети, објави пратеничката од СДСМ, Санела Шкриел на својот Фејсбук профил.
ИНВЕСТИЦИИ Германските компании ја гледаат земјава како добра можност за инвестирање, но и како соодветно место за префрлање на своето производство од оние земји кои се несигурни поради руско-украинскиот конфликт. Сепак, се уште забележуваат на недоволно брзите бирократски процедури.
Како што рече денеска в.д. амбасадорот на Германија Ото Граф, секој што води бизнис и произведува, има интерес постапките да бидат што поефикасни. Онаа земја што тоа ќе го понуди, ќе ги привлече инвеститорите.
ЕУ Европската унија подготвува закон за странски агенти, иако највисоките европски функционери жестоко ги критикуваа грузиските власти дека се обидуваат да донесат таков закон, објави „Политико“, пренесе МИА.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
*
Најмалку тројца цивили се повредени изутринава по руското гранатирање на Краматорск во источниот украински регион Доњецк, изјави украински официјален претставник.
*
Поради недостиг на муниција, Русија користи застарени гранати во војната во Украина, соопштија британските разузнавачи.
Дипломатскиот кор во Северна Македонија со силна поддршка на Украина
„Украина – година на хероизмот“ е заедничкиот наслов на големата конференција што се одржа на 24 февруари, во Домот на АРМ, во организација на ЦИВИЛ и украинската амбасада во Северна Македонија. Конференцијата беше поделена на три сесии.
Како говорници на втората сесија се обратија Амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, Ерик Мејер, заменик на Амбасорката на САД, Амбасадорката на Романија во Северна Македонија, Адела Моника Аксинте, албанскиот амбасадор Фатос Река, заменичката на Амбасадорот на Обединетото Кралство, Jулиja Смит, јапонскиот амбасадор . Н. Е Казуја Оцука, Биби Грамсон, заменичка на Амбасодрката на Шведска, Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и Војциех Тицињски, Амбасадор на Полска.
Д. Муратов












