ВЕСТ НА ДЕНОТ
Петровска: Украина ќе стане членка на НАТО, но приоритет е победата на Украина
Ексклузивно, од самитот на НАТО во Вилнус, Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, за ЦИВИЛ Медиа зборува за главните теми на овој важен настан, кој генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг, го нарече историски „уште пред и да започне“. Министерката Петровска зборува за тоа што од самитот е посебно значајно за нашата земја, имајќи предвид дека регионот е исправен пред сѐ поголеми безбедносни предизвици, како што се косовско-српските тензии и нестабилноста на БиХ. Понатаму, Петровска го споделува ставот на нашата земја во поглед на барањето на Украина за членство во НАТО.
Македонската министерка за одбрана го коментира и историскиот чекор на Шведска која направи и уставни измени за да ги задоволи условите на Турција, со што се деблокира процесот на зачленување на Шведска во НАТО. Петровска во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа ја уверува јавноста дека приватната платеничка формација Вагнер не е присутна во земјите членки на НАТО на Балканот. Таа говори и за тоа како се справува нашата земја со опасностите што произлегуваат од руската агресија против Украина.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Како МВР имаме нулта толеранција во однос на корупцијата, борба која мора да биде ригорозна и конзистентна, транспарентна и неселективна. Тоа подразбира дека за сето она што го работиме не смее да постои селективност, без разлика корупцијата и криминалот од каде доаѓаат, дал се на високо или ниско ниво, иако за мене таква поделба не постои. Корупција е коурпција, без разлика каде се јавува, таа треба да биде сузбиена. Секако дека ако се јавува корупција на високо ниво е попроблематична заради тоа што може да се има поголемо влијание врз системот, но сепак, мораме како институции, како систем, сите заедно да имаме добар одговор во однос на оваа состојба”, рече министерот Оливер Спасовски, гостувајќи во Студио 10 на ТВ24.
ФЛЕШ ВЕСТИ
САМИТ НАТО е регионална Алијанса меѓу Европа и Северна Америка, но предизвиците со кои се соочуваме се глобални, а нашата безбедност е меѓусебно поврзана, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на втората сесија на Северноатланскиот совет со Шведска, партнерите од Индо-Пацификот и Европската Унија.
Аналитичари: Мицкoски ја знае само каузата на изолација, ги држи во заложништво стратешките цели на државата.
РЕГИОН: Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, за Танјуг изјави дека постои многу јасен и посветен план за деескалација на ситуацијата на Косово – патоказ на кој двете страни работеа претходно оваа година, пренесува МИА напис на „Политика“.
ЖИВОТНА СРЕДИНА Европската комисијата предложи мерки за намалување на емисиите на штетни гасови во транспортниот сектор, преку создавање на поефикасен и поодржлив товарен транспорт, подобро управувањето со железничката инфраструктура, давање поголеми стимулации за еколошки камиони и подобрување на информациите за степенот на емисии на стакленички гасови во товарниот транспорт.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Упативме силна порака за поддршка на членството на Украина во НАТО и секако знаеме дека Москва ќе протестира, како што протестираше во случаите на приклучувањето на Финска, Северна Македонија, на сите други сојузници. Украина има право да го избере својот пат и видот на безбедносните аранжами во кои ќе биде вклучена, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус.
*
Украинските сили спроведуваат успешни офанзивни операции северно и јужно од Бахмут, контраофанзивата напредува во најмалку три сектори од фронтот.
*
Рускиот терор продолжува, во текот на ноќта извршени артилериски и воздушни напади низ Украина, има загинати и повредени цивили.
АЛ-ПРЕС
Поранешниот вицепремиер и актуелен пратеник во албанското собрание, Арбен Ахметај, исчезна пред барањето на СПАК за негово апсење, да стигне во Собрание. Во Албанија, Инсинераторите „изгореа“ 103 милиони евра до јуни 2023 година, а матичната компанија добива 2 милиони евра за услуги на водоводни цевки.
Ова се дел од темите што редакцијата на ЦИВИЛ Медиа ги издвои од албанските медиуми во регионот за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Изминатата недела помина во знакот на прошетката на албанскиот премиер, Еди Рама низ државите на Балканот, вклучително и Северна Македонија. Поводот за овие посети, според Рама, е претстојниот Самит за Берлинскиот процес, кој треба да се одржи во Тирана есенва, односно, безрезервната поддршка за оваа иницијатива, а секако и неговата, сè уште мистериозна (или можеби неспретна?!?) изјава дека иницијативата „Отворен Балкан“ ја исполнила својата мисија, и дека сега треба да се фокусира на Берлинскиот процес. Но, за изјавите на Рама и другите актери, малку подоцна“, пишува Дијана Тахири во анализата „Рама го спасува „Берлинскиот процес“?
*
„Кумановци велат за некоја состојба кога тешко се наоѓа излез—дошја нож до коску! Да ли и во политиката важат ваквите правила ќе бидеме сведоци во наредните неколку месеци. Кој ѐ нож ќе дознаваме постепено, ама дека ние граѓаните сме и месото и коската тоа е сигурно“, пишува Војо Маневски во колумната „Математичари и математики“.
*
„Од сите досегашни високи НАТО функционери, токму рускиот диктатор Путин придонесе најмногу за ширење на Алијансата, особено на Северот и Истокот на Европа, како и за збивање на редовите и јакнењето на (разнишаната) доверба помеѓу земјите- членки на Алијансата“, пишува Драган Мишев во колумната „Путин – најголемиот промотор на проширувањето на НАТО“.
Д. Муратов












