ВЕСТ НА ДЕНОТ
Припадниците на Армијата заминаа за Словенија
Припадниците на Армијата утрово заминаа за Словенија каде треба да помогнат во санирање на последиците од невремето што ја зафати оваа држава.
Согласно одлуката на Владата, во Словенија се испраќаат 100 припадници на Армијата кои ќе помогнат во санирањето на штетите што ги предизвика невремето. Помошта беше побарана од страна на Словенија преку механизамот NATO EADRCC.
Припадниците на Армијата ќе останат во Словенија триесет дена каде ќе се вклучат во хуманитарната операција за санирање на штетите од невремето.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Во овој важен период за државата, ако ВМРО-ДПМНЕ кажат дека Алијанса за Албаните треба да излезе од Владата и гласаат за уставни измени, Алијанса не утре, туку денеска целосно ќе ја напушти Владата. Нека кажат, нека направат проширена Влада, нека се изгласаат уставните амандмани, и веднаш одиме на избори“, рече Таравари, во гостувањето на „Клик Плус“ на ТВ21.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Европската комисија даде позитивни оцени во скрининг Извештајот за новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители, што неодамна беше усвоен во Собранието, информираат денеска од Министерството за правда.
КАМПАЊА „Не замижувај и ти можеш да ја спречиш корупцијата – биди дел од прогресот на твојата држава“ е мотото на кампањата „Стоп за корупцијата“ што ја почна Царинската управа за зголемување на свеста за опасностите кои ги носи корупцијата со цел граѓаните или вработените кои ќе бидат сведоци на корупција или сомнителна активност, тоа да го пријават.
ЕСМ Снабдување со топлина нуди можност за бесплатно приклучување на исклучените потрошувачи до 31. август 2023 година, информираат од ЕСМ.
ПЕНЗИИ Покачување на минималната пензија со минималната плата и линеарно зголемување на сите пензии, побараа група пензионери на протест во Скопје. На протестот, кој се одржа во Жена парк, пензионерите посочија дека не се работи за партиски, туку за егзистенцијален протест. Тие бараат покачувањата на пензиите за сите пензионери да бидат по 3.500 денари, како и за најмалите, така и за најголемите пензии.
САД Американскиот претседател Џо Бајден вчера потпиша извршна наредба со која се забрануваат американските инвестиции во клучните технолошки индустрии кои би можеле да се користат за подобрување на воените капацитети на Пекинг.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ По повод 22-годишнината од трагичното загинување на осумтемина бранители и припадници на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила, владина делегација предводена од советникот за одбрана на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Драган Василевски, денеска положи цвеќе пред спомен плочата на загинатите бранители во касарната Илинден во Скопје.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Рашистите со нацистички методи, систематски киднапираат и русифицираат деца од окупираните делови на Украина
Нацистичкиот режим пред 83 години киднапираше стотици полски деца од окупираната Полска за да ги воспитува како синови и ќерки на Третиот рајх. За време на Втората светска војна, до 200.000 полски деца беа киднапирани од сиропиталишта или грабнати од нивните родители, а потоа насилно „германизирани“ за време на Втората светска војна.
АЛ-ПРЕС
ЕУ бара дополнителни чекори на северот на Косово по намалувањето на полициските сили; српски паралелни структури се уште активни на северот на Косово; ДП бара од СПАК да се истражи финансирањето на „Маунт оф Тирана“. Ова се само дел од темите на редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Една од основните карактеристики на буба-швабите е нивната примитивност. Тие се меѓу најпримитивните живи крилести инсекти, кои и денес се речиси исти какви што биле кога настанале. Еволуцијата, едноставно, ги заборавила.
Лесно и брзо се множат, а имаат и долг животен век, како за инсекти. Живеат и по 200 и повеќе денови, а во текот на една година може да се создадат по две генерации.
Буба-швабите најмногу сакаат да бидат во топли, влажни и темни средини. Читател(к)ите може самите да погодат што значи тоа преведено во човечки карактер“, пишува Џабир Дерала во колумната „Ладнокрвни, издржливи и примитивни“.
*
„Штета што Христијан Мицкоски е исклучив по сите политички прашања, па така и по постигнување национален или политички консензус, нешто што е дамнешен сон на мнозинството граѓани во децениите од осамостојувањето на македонскта држава.
Последно во низата на отфрлања на заедништвото е Манифестот што го иницираа политичките партии од власта, но отворено го понудија на сите останати кои се за европска Македонија. Со него сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ и дека нема да се отстапи од црвените линии содржани токму во резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, што едногласно беша изгласана во Парламентот. ВМРО-ДПМНЕ веднаш го отфрли, затоа што тие не учествувале во неговото пишување!
Да не заборавиме дека Мицкоски не ја прифати ниту понудата од пред две години на Зоран Заев за заедничка Влада“, пишува Љубиша Николовски во колумната „Самоубиствениот јуриш на Мицкоски на избори“.
Д. Муратов












