ВЕСТ НА ДЕНОТ
Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас за дел од конфискуваниот имот на Мијалков, наддавањето закажано за 25 август
Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас на кој се понудени дел од конфискуваните недвижнини од поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков за случајот „Империја“. Огласот е објавен на страницата на Агенцијата и трае 15 дена, а рокот за поднесување на пријавите е до 23 август до 14 часот. Наддавањето е закажано за 25 август и ќе се одржи по електронски пат преку системот за електронско наддавање на Агенцијата www.odzemenimot.gov.mk.
Понудени на продажба се два стана во Охрид, од кои едниот од 65 метри квадратни со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234 милиони денари, а другиот во истата зграда од 114 метри квадратни проценет на 9.032.505 денари, како и земјиште од 56.818 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани крај Скопје со почетна вредност од 17.045.421 денари и мал плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни проценето на 29.686 денари. Сите во вкупна вредност од околу половина милион евра.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Јас многу јавно кажувам дека се водам од некои про европски принципи и вредности .Престојот во Хаг беше фантастично искуство за мене како млад човек и како студенстки правобранител, затоа што на таквите Еразмус собири владее еден фанстастичен дискурс кој промовира прогресивни колективи и на некој начин промовира сплотеност. Се работи за едномесечен престој кој што буквално може да ти го смени животои и да ти вдахне некои нови вредности, некои нови методи на функционирање , на просвета и слично кои ти надежно ќе ги имплементираш во својата академска заедница утре“, смета Викторија Постоловска, Студентска правобранителка на Универзитет Св. Кирил и Методиј Скопје, која неодамна се врати од Хаг како дел од Еразмус плус проектите.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНИЦИЈАТИВА Европскиот младински портал ја иницираше кампањата „learn Macedonian with OLS“, односно „Научи македонски со Онлајн поддршката за учење јазици“.
СВЕТ Западноафриканските држави одобрија вооружена интервенција во Нигер „што е можно поскоро“, рече претседателот на Брегот на Слоновата Коска, по состанокот на ЕКОВАС на кој се разговараше за пучот.
ПАРТИИ НА АЛБАНЦИТЕ Политичкиот блок на партии на Албанците секојдневно се „збогатува” со по една партија. Вкупно досега имаме осум активни партии, но се најавува формирање на уште еден нов политички субјект. Партијата на пратеникот Скендер Реџепи – Зејд се чини дека ќе станат деветта политичка партија на политичкиот кампус на Албанците.
ПРОТЕСТИ Пензионери од Струмица, Кавадарци, Тетово и Кочани денес излегоа на протест пред зградата и уште еднаш побараа линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
На списокот на воени спонзори има 31 меѓународна компанија, изјави шефот на украинската Национална агенција за спречување корупција (NACP), Олександр Новиков во интервју за Укринформ.
*
Според Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина, шефовите на Кремљ чуваат приватни паравоени единици за идна самоодбрана.
АЛ-ПРЕС
Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека договорот со Албанија помогнал драстично да се намали бројот на имигранти кои пристигнуваат во Британија за 90% и ги објави петте чекори за запирање на сплавовите со имигранти. Во Косово, Министерот за заедници и враќање, Ненад Рашиќ, вели дека добил информација од премиерот Албин Курти дека одлуката за забрана за увоз на српска стока на Косово наскоро ќе биде укината.
Ова се дел од содржините од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„И ова што го прават малубројните пензионери-протестанти, со изобилна помош на вмровски агит-проповски кулинари и медиумите е само дел од стратегијата: наш адвокат ќе поднесе барање до Уставен суд за зголемување на платите на функционерите, истиот ќе се прифати, партиите ќе мрморат, ама нема да бараат ефективна промена на функционерските исплати и… потоа ќе ги изведеме пензионерите како најверна социјална групација да ја напаѓаат власта онаму каде што таа е најуспешна. Стабилизацијата на пензискиот систем е една од тие области!“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Пензиите како политичка вијагра на груевизмот“.
*
„ВМРО-ДПМНЕ како да е креирана врз основа на првата шема – да инсистира на „првост“ на Македонија во изворниот животински територијален контекст. За спроведување на тоа, се концентрира на историцистички менаџмент, па оттаму ги добивме антиквизацијата, „најстар народ“ и слично, но и соодветно географски -оттаму „целадае“, мапи со териториите од некои минати времиња, итн. Како да има задача постојано да притиска за зацврстување на заднината на договорното дејство (за други, евентуални играчи), со признавање исклучиво на дејството „сокол“ за одбрана, односно негубење на територијата. Тоа е секогаш воено расположение и затоа не е за чудење што од овие редови извираат наративи и симболики секогаш поврзани со војна. Униформираноста и симболицирањето се дури и несуптилни“, пишува Емилија Целакоска во колумната „Пингвин, панда, зебра, шпион“.
*
„Дилемата е – каков е тој бугарски диктат што Мицкоски стана поголем Радев од Румен Радев во однос на перспективите на државата? Колкав е и чиј е тој диктат што го тера да се заканува на судии и обвинители, да најавува затвор за пратеници што ќе гласаат за уставни промени, да замолчува новинари што не споделуваат со него исти ставови и генерално да заплашува и да застрашува, за да го спречи донесувањето на клучните одлуки? Дури и да му се поверува во аргументите околу спорот со Бугарија, тешко е по сите политички потези на ВМРО-ДПМНЕ досега, и на власт и во опозиција, да се има доверба во нивното политичко расудување, особено по најкатастрофалната од повеќето катастрофални одлуки досега, да се бојкотира последниот попис во државата чии последици уште долго ќе ги трпиме, покрај изборот на Данела Арсовска“, пишува Слободанка Јовановска во колумната „И ние си имаме Радев“.
Д. Муратов












