ВЕСТ НА ДЕНОТ
Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со шефовите на делегациите на земјите – членки на САД – Јадранската повелба денеска по Министерскиот состанок потпишаа Заедничка изјава во која се обврзаа на засилена соработка со цел зацврстување на регионалната безбедност и стабилност.
„Успешноста на А5 Иницијативата се должи токму на тоа што четири од петте земји членки веќе станаа членки на НАТО и активно придонесуваат кон колективната безбедност и безбедноста на регионот. Токму затоа и денеска се обврзавме дека земјите од Иницијативата А5 ќе продолжат да ги поддржуваат сите регионални аспиранти на нивниот пат кон целосна евроатлантска интеграција зашто сите ние цврсто веруваме дека политиката на отворени врати лежи во основните принципи на НАТО и на А5 Иницијативата“, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прес-конференција по состанокот на Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Скопје.
ИНТЕРВЈУ НА ДЕНОТ
Ветон Сурои: Западен Балкан сè уште е во зона на недовршен конфликт
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украинските војници воспоставија упориште на источниот брег на реката Днепар, потврдија официјални лица од Русија и Украина, во операцијата за која Кијив смета дека ќе отвори нови патишта за напад кон привремено окупираниот Крим. Проценките за бројот на вклучени украински војници се движат од десетици до неколку стотици и се наведува дека тие се вклучени во тешки борби со руските сили на подалечната страна на реката.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци од 13 февруари 2019 година во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени би можело да биде вратено од почеток поради изборот за апелационен судија на судијката Александра Ристеска.
САЕМ Над 600 изложувачи од повеќе од 28 земји меѓу кои и 74 македонски ќе се претстават на меѓународниот Саем за вино „Винска визија Отворен Балкан“ и кулинарскиот спектакл „Фуд Вижн“ што од денеска до недела се одржуваат на Белградскиот саем.
МЕМОРАНДУМ Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека утре со македонскиот колега Благој Бочварски ќе потпише Меморандум за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје, за што двете земји заеднички ќе побараат средства од ЕУ.
МВР Закажаните термини на 29 и 30 ноември за фотографирање и замена на лични документи во Скопје ќе бидат реализирани. Министерството за внатрешни работи информира дека пунктовите за издавање лични документи тие денови ќе работат со полно работно време.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
„Заедно за подобра иднина“, мултимедијален настан на ЦИВИЛ и Општина Чаир
Денеска се одржа мултимедијалниот настан „Заедно за подобра иднина“, кој го организира ЦИВИЛ во соработка со Општина Чаир. Настанот е дел од проектот „Заедно за подобра иднина“, чија цел е промоција на мултикултурализмот и европските вредности во земјата, со посебен фокус на младите.
КОНФЛИКТИ
Шефот на ОН за човекови права Фолкер Турк денеска ги осуди сериозните наводи за кршење на меѓународното право во конфликтот меѓу Израел и Хамас, укажувајќи дека е потребна меѓународна истрага.
АНАЛИЗИ
„ЕУ пред 17 години навистина како да замолче во однос на прашањето на македонскит јазик и идентитет. Таму имале можеби инстинктивен отпор кон реалните аспирации на новиот премиер Груевски за влез во Унијата. Денесд имаме комплетен пресврт по тоа прашање ама има сили кои би сакале да ја вратат целата состојба од таа 2006-та назад и тоа треба да е „вредноста“ заради која некому треба да му ја подариме власта!“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Кој шири лаги за непризнавање на македонскиот јазик во ЕУ?“
СЛОБОДНА ЗОНА
„Некои од градоначалниците предлагаат пред почетокот на училишната недела, или ден беше, да се пее химната на државава. Ќе се пее или само ќе се интонира сѐ уште не сум на чисто. Тоа не е непознато во светот како обичај, ама целта што со таквата постапка треба да се постигне е различна. Во САД на многу места, често во училишта, спортски и ученички кампови, секојдневните активностите почнуваат со дигањето на знамето и пеењето на химната за него (химната на САД е за „знамето посеано со ѕвезди“).“, пишва Војо Маневски во „Може ли химната да се пее на различни јазици?“
Подготви: Б. Јордановска











 
			
 

 
 
 
 
