ВЕСТ НА ДЕНОТ
Сомнителна руска фирма се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема во Министерство за одбрана
Сомнителна фирма со руски капитал се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема во Министерството за одбрана, посочија од Министерството на денешниот брифинг со новинарите каде присутна беше министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Беше посочено дека фирмата е регистрирана во земја членка на ЕУ за да се прикаже како релевантна на пазарот, меѓутоа во постапката уште пред да биде направена безбедносната проверка, македонските разузнавачки служби алармирале дека станува збор за сомнителна руска фирма, пренесува МИА.
– Тоа беше индикативно, затоа што првата фаза која помина, понудата на оваа фирма беше од прилика скоро иста со останатите две фирми, значи не се разликуваше многу, може за некои стотина илјади евра, меѓутоа во втората фаза спуштија неверојатно ниско, скоро 50 отсто поевтина сума и тоа ни го потрврди сомнежот дека по секоја цена сакаат да го земат, посочи Петровска.
Според Кривичниот законик, Петровска вели нема основ за кривично дело, но заштитата на безбедноста на државата треба да се крене на повисоко ниво.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Кога застанав на чело на НАТО очекував негово зајакнување со прием на нови членки како Северна Македонија и Црна Гора, но не ни помислував за членство на Финска или Шведска“, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со шведскиот премиер Улф Кристершон пред церемонијата на подигање на знамето на Шведска пред седиштето на Пактот во Брисел, како негова најнова 32 членка.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ВАКЦИНИ Од денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе почне со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се целосно имунизирани со вакцината ДТП против голема кашлица.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Еврејската заедница во Република Македонија (ЕЗРМ) и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска одбележуваат 81 година од холокаустот на 7144 македонски Евреи, кои на 11 март 1943 година од Скопје, Битола и Штип се депортирани во логорот Треблинка.
ЕП Заштитата на новинарите, борбата против странското влијание, надворешната политика и безбедноста на ЕУ, законот за вештачка интелигенција и енергетската ефикасност во градежништвото се меѓу точките на дневен ред на пленарното заседание на Европскиот парламент што започнува попладнево во Стразбур.
ИЗБОРИ Специјалниот претставник на Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар патува во Австрија, каде што ќе се сретне со канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за да разговара за изборите во Северна Македонија и Србија, соопшти Стет департментот.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Филмот „20 дена во Мариупол“, во режија на украинскиот новинар Мстислав Чернов, го освои Оскарот за најдобар документарен филм на 96-тото доделување на Оскарите.
Документарецот, како што пишува Кијив Индипендент, ја снима руската опсада на Мариупол во Доњецката област од перспектива на Чернов и неговата екипа во текот на првите недели од целосната инвазија. Тоа е првиот украински филм снимен од украински режисер кој некогаш добил Оскар.
*
Претседателот Путин ја започна оваа војна и може да ја заврши денес, но Украина ја нема таа опција. Предавањето не е мир. Мора да продолжиме да ја зајакнуваме Украина за да му покажеме на претседателот Путин дека нема да го добие она што го сака на бојното поле, туку мора да седне и да преговара за решение каде Украина ќе биде призната и ќе преовладува како суверена независна нација, заклучи Столтенберг.
СЛОБОДНА ЗОНА
Претседаелот на ВМРО-ДПМНЕ, така осамен во холот на својот хотел или во ходникот на некое австриско министерство онака груевистички препотентно ни фрла прав в очи дека неговите десни имале разбирање за неговите ЕУ ставови, дека во Букурешт на собирот на сестринските партии меѓу кои, внимавајте, и во присуство и на госпоѓата Дер Лаен која по негов налог неговите нотарски депутати овде во собранието за францускиот ја навредуваа и ѝ крештеа со вувузелите брукајќи се и себе и партијата и државата и сега токму оттаму од каде што го отфикарија за нови рамковни преговарања, од каде што никој, ама баш никој, ама баш ниту еден од тие меѓународни на кои се повикува тоа не го потврди но, ете, имале разбирање за неговите заложби, попрецизно, разбирање не за нови преговори, пишува Зоран Иванов во колумната „Дешифрирањето би било – да си згазнам на власт па потоа здравје“.
Д. Муратов