Голем интерес за првиот новинарски стартап натпревар во Македонија. На распишаниот конкурс се пријавиле педесет и тројца кандидати, кои од денес до 29-ти јануари ќе бидат дел од натпреварот.
Педесет и тројца заинтересирани поединци се пријавиле на конкурсот за првиот новинарски стартап натпревар во Македонија, што ќе се одржува од денеска до 29-ти јануари, во просториите на „Сеавус инкубаторот“ во Скопје.
„На конкурсот за овој тридневен натпревар, сите заинтересирани поедници ќе можат во текот на викендот подобро да се запознаат и да формираат тимови, согласно замислените проекти и начин на изработка. Овие тимови ќе работат на изработка на идеи во три категории“ се вели во соопштението на организаторот.
Носител на проектот е Фондацијата за дебата и едукација Идеа Југоисточна Европа – Скопје. Целна група на натпреварот се новинари, граѓански активисти, програмери, експерти за гејмификација и графички дизајнери кои ќе работат во тимови, со цел да создадат интерактивна новинарска содржина.
На натпреварот се формирани три категории.
Првата категорија е дигитално раскажување, каде се очекува учесниците да изработат новинарска сторија која користи текст, фотографија и видео за јавно презентирање преку веб-сајт. Втората категорија е интерактивна онлајн игра, каде се очекува да се направи новинарска сторија преточена во онлајн игра за јавно презентирање преку веб-сајт. Третата категорија е развивање новинарски алатки кои во иднина ќе им помагаат на новинарите во пишувањето на нивните новинарски стории.
М. Т.