ЦИВИЛ-Центар за слобода реагира и оценува дека склучените четири договори на АД Електрани на Македонија со Агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисис“ (СГС) е уште една матна зделка на власта, во период кога сé уште не е избрана нова влада.
„Ова е уште една од долгата низа матни зделки на власта, на институциите и јавните претпријатија кои што ги ‘вртат’ народните пари во затворен круг, во којшто профитерите се добро познати на јавноста. А, ЦИВИЛ му верува на Специјалното јавно обвинителство“, изјави Џабир Дерала, претседател на невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Според податоците од сајтот на Бирото за јавни набавки, објавени вчера, Агенцијата за обезбедување СГС следниве две години, ќе ги обезбедува објектите на АД Електрани на Македонија, откако минатиот месец е склучен договор со агенцијата, вреден 552.000 евра.
СГС била најдобар понудувач на сите четири тендери за обезбедување на ХЕЦ Маврово, на битолската подружница на ЕЛЕМ и Осломеј, а обезбедувачи на СГС ќе патролираат и околу дирекцијата на ЕЛЕМ.
Оваа агенција ги обезбедува речиси сите државни објекти и институции во локално ниво, а го добила и тендерот за обезбедување на ТЕЦ Неготино во вредност од 34.000 евра. По објавувањето на „бомбите“, СДСМ тврдеше дека зад СГС стои тогаш моќниот челник на УБК, Сашо Мијалков.
СГС обезбедува и поголем дел од објектите од проектот „Скопје 2014“, како и државни институции.