ВЕСТ НА ДЕНОТ
Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија
Собранието денеска со 65 гласа „за“ го изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка.
Заемот од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Ми претставува задоволство што овој проект дополнително ги зајакнува овие односи. Нашиот претходен ангажман се фокусираше на изградбата на Директорат за НАТО во рамките на Министерството за надворешни работи како и на формирањето на Национален координативен совет за НАТО. Сега ќе работиме заедно на развивањето на силни меѓувладини НАТО структури кои ќе подготвуваат и споделуваат анализи и ќе обезбедуваат поддршка на носителите на одлуки на највисоките позиции за прашања кои се од исклучителна важност за безбедноста на нашите две земји. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме работата која што придонесува за пошироката безбедност и стабилност на Северна Македонија и Обединетото Кралство како и на нашите НАТО сојузници“, потенцирал британскиот амбасадор Лосон по потпишувањето на меморандумот со министерот за надворешни Муцунски.
РЕГИОН
Во Брисел денеска ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.
Според информациите од дипломатски извори, меѓу темите што Белград ги предложи да се најдат на дневен ред е прашањето за мостот на Ибар, како и формирањето на Заедницата на српските општини.
СВЕТ
Американската групација Мета, која ги поседува Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram) и ВацАп (WhatsApp), соопшти дека им забранува на руските државни медиуми како RT и Rossiya Segodnya пристап до тие платформи ширум светот, наведувајќи ја нивната вмешаност во операции на тајно влијание.
ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за составот на Советот за безбедност на Претседателката?
СЛОБОДНА ЗОНА
„Овие народни метафори од насловот би можеле да бидат адекватна асоцијација и прикладна компарација за фамозната од ковано железо ограда, а со монтирај – демонтирај – монтирај и веќе прескап проект, всушност, кога неодат работите со реформите, тогаш барем да оди стави – вади – стави забавата за народот или, кога не одат работите со реформите, барем да одат работите со оградата“, пишува Зоран Иванов во колумната „Одими – дојдими проект или, немал попот работа, си ја чешлал брадата“.
*
Молам? Тргнале во Софија без предходно, и нејзиниот шеф на протокол и нашата амбасадорка да не остварат ни телефонски разговор со бугарскиот шеф на протоколот. Излегува дека претседателката отишла на недоговорено. Зарем со тоа што имале резервирани билети за оперска претстава сметале дека е договорена протоколарна средба на високо државно ниво? Можеле и да не им отворат, да останат пред врата. И пак ќе беше скандал, како и да го свртиш. Освен ако предизвикување скандал не било дел од агендата?, пишува Драган Мишев во колумната „Скандал мајстори“.
*
„Со вториот обид за атентат врз Трамп, руската пропагандна машинерија ја искористи можноста да поттикне поларизирачки наративи. Крајно време е да се постават прашањата за улогата на политичкото насилство и неговата експлоатација во пропагандните цели на руските и други непријателски центри на моќта“, пишува Џабир Дерала во анализата „Обид за атентат врз Трамп: Грозниот чин што ѝ донесе „златна“ можност на руската пропагандна машинерија“.
Д. Муратов