Обединетото Кралство нема да жали за Игор Кирилов, рускиот генерал кој загина во експлозија во Москва во вторникот, соопшти Даунинг стрит.
„Јасно е дека нема да жалиме за смртта на лице што промовираше незаконска инвазија и наметна страдање и смрт врз украинскиот народ,“ изјави официјалниот портпарол на британскиот премиер Кир Стармер во вторникот, објави Си-Ен-Ен, пренесе ЦивилМедиа.
Обединетото Кралство го санкционираше Кирилов во октомври, наведувајќи дека тој бил „одговорен за помагање во распоредувањето“ хемиско оружје на боиштата во Украина.
Претходно, извор запознаен со операцијата изјави за Си-Ен-Ен дека украинските безбедносни служби стојат зад атентатот на рускиот генерал во Москва.
Портпаролот на Стармер додаде дека владата на Обединетото Кралство „секогаш била јасна дека Украина има право на самоодбрана од незаконската војна на Русија“.
„Како што премиерот изјави вчера, Русија може да стави крај на овој конфликт денеска. Русија е таа што со својата агресија го предизвикува овој конфликт и постојаното страдање на украинскиот народ,“ изјави тој.