Од 375.000 одбиени азиланти, 42.000 се азиланти од Македонија, а од нив околу 90 проценти се Роми што перманентно се враќаат во земјава, тврди невладината организација „Кхам“ (Сонце) од Делчево.
Со Институтот за европски политики и со поддршка на Канцеларијата за ромски иницијативи од Будинпешта, „Кхам“ ќе спроведе проект за поттикнување одржлива реинтеграција на Роми-повратници во Македонија.
Преку мапирање на проблемите, со кои се соочуваат со нивното враќање во земјата, трите оганизации сметаат дека ќе помогнат во побрзо интегрирање на Ромите во општеството.
Проектот ќе биде спроведен во општините Делчево, Шуто Оризари, Тетово, Битола и Куманово, со локални соработници, што при мапирањето ќе бидат врска со повратниците и со ромските информативни центри.
Проектот започнува на 6-ти март и ќе трае шест месеци, а организациите се надеваат дека ќе придонесат за полесно интегрирање на повратниците во процесот на образование, во социјалната заштита, во здравството, но и во надминување на бариерите и остварувањето на нивните основни права.