Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретне со својот руски колега Владимир Путин на 15 август во Алјаска за да преговара за прекин на војната во Украина.
Трамп објави за тоа на социјалните мрежи откако рече дека завојуваните страни се блиску до договор за прекин на огнот што би можел да ја заврши три и полгодишната војна, но може да бара од Киев да отстапи значителна територија.
Во разговор со новинарите во Белата куќа синоќа, Трамп посочи дека договорот веројатно ќе вклучува размена на територии.
„Ќе има некои размени на територии за доброто на двете земји“, рече тој.
Потоа Кремљ ја потврди средбата во Алјаска преку порака од рускиот претседателски советник за надворешна политика Јуриј Ушаков.
Функционерот на Кремљ посочи дека Русија и САД ќе ги посветат следните неколку дена на подготовка за состанокот во Алјаска и додаде дека Трамп е поканет да ја посети Русија.
Во своето традиционално вечерно видео обраќање, Зеленски рече дека може да се постигне прекин на огнот ако Москва биде ставена под вистински притисок. Тој рече дека имал повеќе од десетина телефонски разговори со лидери на различни земји, а неговиот тим бил во постојан контакт со САД.
Путин тврди дека има четири украински региони – Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон – и полуостровот Крим на Црното Море, кој го анектираше во 2014 година. Неговите сили не ја контролираат целосно територијата на четирите региони.
Украина претходно сигнализираше подготвеност да биде флексибилна во завршувањето на војната. Последниот пат кога Алјаска беше домаќин на дипломатски состанок со висок ризик беше во март 2021 година, кога високи претставници од администрацијата на поранешниот демократски претседател Џо Бајден се сретнаа со своите кинески колеги во Енкориџ.
Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, одржа во средата тричасовни разговори во Москва со Путин, кои двете страни ги оценија како конструктивни, пренесе МИА.