Под слоганот „Скопје без поделби, Скопје со љубов“, ќе настапи на овие локални избори првиот Ром кандидат за градоначалник на Град Скопје, адвокатот Срџан Амет.
Тој во разговор за ЦИВИЛ вели дека ќе понуди град во која нема да има никакви поделби, бидејќи сега градот е многу поделен, чисто и уредено Скопје и партнерство со граѓаните, бидејќи граѓанинот е партнер на градот, а не политичка фигура.
Амет вели дека на овој чекор се реши за да покаже дека и Ромите не се оние кои го валкаат градот и дека не се само тие кои ја загрозуваат целата слика на градот.
„Огорчени сме веќе од затворени врати, од системската дискриминација, огорчени се помалите етнички заедници, но Ромите се во најголем број… Време е да застанеме рамо до рамо со сите други и да се носиме со тоа што го имаме во нас и да донесеме заеднички промени во овој град. Во најмала рака сметам дека мојата кандидатура ќе ја разбуди малку свеста и ќе ја разбие стигмата околу ромската заедница и исклучително околу помалите заедници дека доста е дека можеле да бираат, туку дека може да бидат и избирани во некакви процеси, бидејќи помалите заедници и Ромите се воделе исклучително како статистика – кој гласал, за кого гласал за поголемите политички партии – епа доста е веќе тоа“, вели Амет.
Дехран Муратов
Камера, монтажа и фотографија: Ариан Мехмети