Заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Неждет Мустафа и министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите и кандидат за градоначалник за Шуто Оризари, Шабан Салиу, во телефонски разговор за ЦИВИЛ Медиа рекоа дека не ја слушнале изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој во гостување на поткастот „На кавга со Иван“ на Канал 5, истакна дека решението за депонијата Вардариште е со сила да се реши проблемот со „една ромска група“ која, според него, е виновна за палење на отпадот.
„Се оградувам, не мислам на сите Роми, да не бидам обвинет за шовинизам, расизам и така натаму. Но оние Роми коишто живеат во депонијата се тие што палат кабли за да го извлечат бакарот…“, рече Ангелов.
Иако водителот Иван Мирчевски и Сотир Костов се обидоа да го корегираат дека евентуално преселување мора да биде на хуман и достоинствен начин, не на сила, Ангелов категорично одговори:
„Јас сум за агресивна реакција. Мене ако ме прашувате јас би го решил тоа по кратка постапка, ги селам од таму… Ако е потребно и на сила“.
Актуелните функционери во Владата, заменик министерот Мустафа и министерот без ресор Салиу ветија дека ќе дадат изјава за ЦИВИЛ откако ќе ја слушнат изјавата на Ангелов „за агресивната реакција и решавање на пробемот на Ромите по кратка постапка и по потреба и на сила да се селат Ромите од Вардариште“. До објавување на текстот не добивме одговор!
Дехран Муратов