Сирија ќе ги одржи своите први парламентарни избори во недела по падот на Башар ал-Асад, покрај загриженоста за инклузивност и последователните одложувања.
Како пто пренесува Би-би-си, нема да има директно гласање за Народното собрание, кое ќе биде одговорно за законодавството за време на преодниот период.
Наместо тоа, „изборните колегиуми“ ќе избираат претставници за две третини од 210-те места. Привремениот претседател Ахмед ал-Шара ќе ги назначи останатите.
Долгогодишниот поранешен претседател Асад беше соборен од силите на Шара пред 10 месеци по 13-годишна граѓанска војна.
Властите велат дека ги одложиле изборите од безбедносни причини во две провинции контролирани од Курдите и во трета, каде што се случија смртоносни борби меѓу владините сили и милициите на Друзите.
Судирите, во јули, го означија најновото избувнување на секташко насилство во Сирија по соборувањето на Асад.
Во говорот одржан на Генералното собрание на ОН минатата недела – прв на сириски претседател за 60 години – Шара вети дека ќе ги изведе пред лицето на правдата сите одговорни за крвопролевањето, како и оние што извршиле злосторства под Асад.
Тој, исто така, вети дека Сирија сега „се обновува преку воспоставување нова држава, градење институции и закони што ги гарантираат правата на сите без исклучок“.
Неделните избори ги надгледува Високиот комитет за избори на сириското народно собрание, чии 11 членови беа избрани од претседателот во јуни.
Бројот на места доделени во секој од 60-те окрузи се базира на податоците од пописот собрани во 2010 година – годината пред земјата да западне во граѓанска војна во која загинаа повеќе од 600.000 луѓе и беа раселени уште 12 милиони.
Одложувањето на изборите во трите провинции – Рака, Хасаке и Сувеида – значи дека изборните колегиуми во само 50 од 60 окрузи ќе избираат претставници за околу 120 места во недела.
Д. Мишев