Нова заедничка анализа на The Guardian и Carbon Brief открива дека значителен дел од глобалното климатско финансирање – средства кои треба да им помогнат на ранливите држави да се справат со климатската криза – завршуваат кај економски моќни земји, меѓу кои Кина, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Анализата ги разгледува поднесоците до ООН и податоците на ОЕЦД за повеќе од 20.000 проекти реализирани во 2021 и 2022 година. Иако системот генерално ги насочува средствата од богатите кон посиромашните држави, истражувањето покажува дека недостигот од централен надзор и политичкото влијание создаваат сериозни неправилности.
Петро-држави и економски силни земји добиваат милијарди
Иако климатските средства се предвидени за држави ранливи на климатските промени, дел од најголемите приматели се земји со високи приходи и значително емитирање на јаглерод.
ОАЕ добиле повеќе од 1 милијарда долари во јапонски заеми, вклучително и 625 милиони за офшор електроенергетски проект и 452 милиони за постројка за согорување отпад во Дубаи.
Саудиска Арабија, една од најголемите светски емитери поради нафтената индустрија, примила 328 милиони долари, главно преку јапонски заеми.
Кина, втора најголема економија во светот, добила околу 3 милијарди долари, најмногу преку мултилатерални банки.
Дополнително, шест држави од Балканот – меѓу кои Србија, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина – добиле повеќе од 3,5 милијарди долари, при што Србија на глава на жител добила десет пати повеќе од групата најсиромашни држави (LDCs).
Најранливите држави добиваат најмалку – и тоа преку заеми
Најсиромашните 44 држави во светот – ЛДЦ групата, во која спаѓаат Хаити, Мали, Нигер, Јемен и други – добиле само 20% од средствата, односно околу 33 милијарди долари за двете години. Голем дел од оваа поддршка се заеми, а не грантови.
Некои држави, како Бангладеш и Ангола, добиваат 95% или повеќе од климатските средства во форма на заеми со услови кои можат дополнително да ги задолжат.
Според податоците од Светска банка, ЛДЦ државите во истиот период вратиле 91,3 милијарди долари надворешен долг – речиси тројно повеќе од климатските средства што ги добиле.
Неажурирани категории и политички интереси создаваат неправди
Категориите на ООН за развиеност на државите не се променети уште од 1992 година. Така, богати земји како Сингапур, Катар, Израел и ОАЕ и натаму се водат како „зедмји во развој“, иако имаат високи приходи и големи јаглеродни емисии.
„Апсурдно е што овие држави се во истата категорија со Того, Тонга или Танзанија“, вели Сара Коленбрандeр од Overseas Development Institute.
Експертите предупредуваат: Климатското финансирање мора да стане поправедно
Повеќе експерти посочуваат дека:
Најранливите земји добиваат премалку средства,
Средствата се даваат во форма што создава нов долг,
Климатското финансирање мора да се третира како инвестиција, а не како „милостина“.
„Скриената приказна на климатското финансирање не е во бројките, туку во формата – заеми наместо грантови“, вели Риту Бхараџва од International Institute for Environment and Development.
Нов глобален таргет: 300 милијарди долари годишно до 2035
Првичната цел од 100 милијарди долари годишно, договорена во Копенхаген во 2009 г., е заменета со значително повисока цел:
300 милијарди долари годишно од развиените земји до 2035 година, со поширока цел да се мобилизираат 1,3 трилиони долари годишно.
Во најновиот извештај се предлагаат:
Данок на фосилни горива,
Клаузули за климатски отпорни долгови,
Поголем удел на грантови и поволни заеми.
„Климатското финансирање мора да биде достапно, прифатливо и правично“, порачуваат од ООН.
Анализа на The Guardian и Carbon Brief покажува дека глобалниот систем за климатско финансирање мора да претрпи темелни промени за да обезбеди реална поддршка за најпогодените и најранливите заедници – оние кои најмалку придонеле кон климатската криза, но најмногу страдаат од нејзините последици.












