
Специјално за медиумската платформа на ЦИВИЛ
Кога ќе влезеш во погрешен воз, сите следни станици ќе бидат погрешни. Оваа мисла чија адреса не ја знам е добар начин да ја отслика нашата транзиција во која влеговме со преминот кон плуралистичко општество. Tој премин, кој започна со реформите на тогашниот премиер на сојузната влада – Анте Марковиќ и беше прифатен со акламација, после распадот на федерацијата (дисолуцијата би бил точниот термин) се сведе, кога транзиција мина во рамките на новите држави – поранешни републики, на процес со само малку поинаков призвук. Сеедно, транзиција и во СФРЈ и во новите држави беше означена како дозволен начин преку кој една група од неколку стотини наши државјани наеднаш може да стекне огромно лично богатство на сметка на соодветното енормното приграбување на она што некогаш беше општествен имот. Ова соодветствува на илустрациите на првобитната акумулација на капиталот, само што заради долгото постоење на социјалистичките вредности, таа акумулација не беше насочена кон личниот имот на граѓаните, туку пред се колективниот имот (просто речeнo најчесто во стартот кон фабриките). Кога таа луња помина, најчесто истите тие корисници се навртеа кон остатоците на општествениот имот, потоа наречен јавен простор а на крајот именувањето е просто небитно на тој остаток, бидејќи, преостана имот со небитен габарит, предвиден за конечно натамошно „погубување“. Сите избори, пред сè локалните (последните веќе се одржаа) се закажана „битка“ за простанатиот плен. Како тоа – логично е таквото прашање?
Локалните „шерифи“ како господари на ДУП-овите
Па затоа што локалните избори се главно битка за тоа кој ќе ги креира дуповите како легализирана форма преку кои она што е јавна сопственост ќе се приватизира. Ова пред сè се однесува на земјиштето, кое преку градењето, кај нас најчесто претставена како изградба на станови, станува на крајот приватна сопственост, зацементирана во катастарот на конкретно име.
Оној кој дава маркица (локалната заедница) добива приход како надоместок преку данокот на промет. И потоа како дел од данокот на имот од сопствениците на станбениот и деловен простор што стигнува редовно секоја година на нивно конто.
Јасно, гледано од страна на профитабилноста, оној кој постојано дава дозвола за градби добива постојан приход, бидејќи, добива простор за работа во процес низ кој продава нешто што не ни било негово; тоа претходно било општа сопственост (земјиште во урбана средина) и сето тоа се добива без плаќање на отштета за тој процес што оди во релација со продавачот на станот и – се плаќа само данок на промет, вкалкулиран во цената на изграденото. Колку едноставна транзиција!
Градовите губат, бидејќи, остануваат без јавни површини, каде многу често има вредности што можеле сите да ги користат. Па со тоа се оправдувало она „јавно“. Сите што се дел од тоа „јавно“, значи граѓаните, не добиваат ништо за возврат при загубата на тој простор, туку само истиот им се тесни и обично потоа им се влошуваат условите на живот. Има се помалку квадратни метри околу нив каде можеле да го користат слободно за задоволување на сопствени или почесто групни потреби.
Рационалниот француски пример
Расчистување на таа појава, барем во јавноста, можеше да има доколку – по некој случај аудиториумот можел своевремено да го проследи предавањето на тема – урбанизам што во зградата на ЕУ во Скопје го држеше Мишел Лари-Шарлис, директорка на Секторот за урбанизам на Бордо.
Со овој град Скопје има некакви специјални односи. Деновиве двајца кардиохирурзи од „Мајка Тереза“ заминуваат во Бордо на субспецијализација во својот занает. А често имало и одење на гости во двата правци на повисоко ниво – од градоначалничкиот врв на нашиот главен град оделе на гости таму, да се запознаат со начинот како се управува со симболот на модерниот урбанизам. Бордо, само да истакнеме е град кој уште го нарекуваат и Заспаната убавица (La Belle Endormie / The Sleeping Beauty) и чие исклучително архитектонско наследство е под заштита на УНЕСКО. Контактите се од 2014 година, а јас го слушав предавањето некаде есента 2018 година, кога дознав за бројки и релации што до тогаш никогаш не ни биле претставувани.
Најнапред она што е врвот на сознанијата од тоа предавање на гостинката е она дека македонските општини дури 85 отсто од приходите на годишно ниво ги добиваат преку добивката што ја остваруваат во процесот на градба на станови! Да биде појасно, најголемиот приход во општините се добива преку блок-трансакциите кои доаѓаат од републичкиот буџет за плаќање на обврски што општината ги има во сфера на образованието и здравството, но во целата опсервација тоа треба да се исклучи за да се дојде до она – што е најпривлечно во оваа земја ако станете градоначалник.
Привлечната моќ на тој план за секој победник на локалните избори, но секако и партијата што стои зад него е во фактот дека ДУП-овите дозволуваат или ќе овозможат низ трговија со градежниот простор (градоначалникот треба да се помачи и да го „извојува“ истиот во битка со одредени советниците во општинските совети што даваат отпор). Кога тоа ќе се реализира, кога ќе успее во својот наум, секако доаѓа она пиење на кафе со добитникот на локацијата за градба каде често се добива и – што вели народот – бајадера.
Наопачна форма на работење кај приходувањето
Значи да се вратиме на она што започнавме да го констатираме преку гостинката од Бордо е дека оние 15 отсто што влегле во активата на буџетот се сведуваат на „други основи“. Во Франција, беше нагласено и гледајќи и на искуствата на другите земји од Унијата, приходите се обратно поставени – 85 отсто се од онаа ставка која кај нас се сведува на „други“ а таму е разглобена на разни услуги што градот им ги дава на граѓаните и фирмите! „Кусурот“ во приходите може да биде од станоградбата.
Ова нè враќа кон сознанието дека нашите градови и тамошните локални власти единствениот основ за успех или обратно – немање на никаков основ за напредок – го имаат кога тргуваат нудејќи како „стока“ јавен простор. Стануваат претприемачи без некакви трошоци во пазарењето со продавањето на јавниот простор на посредници, станоградители а не ретко во јавноста за тие муштерии се користи и поимот – градежната мафија! Оние кои немаат такви приходи и не можат да имаат било какви инвестиции што може да се сметаат за капитални, напросто може да прават фиктивни планови за развој без да се обезбедени реални покритија за нив. Како што неодамна рече Ивон Величковски во гостување на ТВ „24 часа вести“, не гледа што може воопшто да направи градоначалникот на Дебар со својот реален буџет, кој веројатно е помал во обем од буџетот на телевизијата во чие студио се наоѓа.
Оттаму сите фалби на сега – некои од нив и поранешни градоначалници – за приливот на пари во општинските каси се врзани само за тоа каква „стока“ се нудела. Кај општините во Скопје и Охрид како една целина секако треба да постои голема предност заради локацијата и побарувачката за станбени квадрати, а во другите градови таа атрактивност се губи. Цената на становите одамна расте различно а таа секако ја одредува и добивката по сите основи и за локалната власт и за градежниците. Во исто време и во самите градови, како Скопје, каде што има 10 општини, трката за градоначалник е со различни привлечности на целта. Така, едно е да сте градоначалник на Карпош или Центар, каде цената на квадратот е највисока, истата е пониска во помалку атрактивните Кисела Вода, Гази Баба или Аеродром, а најниска во Сарај да речеме.
СДСМ дојде на власт во градските општини, дојде стопирање на градбите преку Уставен суд!
Оттаму, изгледа комично кога сега веќе екс-градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски се фали дека во текот на својот трет мандат ја наполнил касата за разлика од својот претходник Стефан Богоев.
„Презедов општина со 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход“ – изјави ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Да потсетам, Буџетот на Општина Карпош во 2020 година бил 363 милиони, или толку биле вкупните приходи. На денешен ден, четири години и три дена потоа, оставам општина со: 72 милиони денари на жиро сметка, со измирени сите тековни обврски, судски пресуди кои уредно се сервисираат“, рече тој.
Јакимовски кажа дека до тогаш Општина Карпош има приходи од 700 милиони денари, а до крајот на годината ќе има скоро 800 милиони денари.
„Или, сум презел општина со 6 милиони евра приход и 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход“, рече тој.
Но, како доаѓа до ова разлика? Па, објаснувањето е лесно. Богоев се соочи со забрана за нови градби со одлука на Уставниот суд кои беа од времен карактер и кои потоа мораа да бидат следени од градоначалниците. Потоа дојде до постепено попуштање на тие мерки, па еколозите реагираа со оценка дека „градежната мафија ги држи сите институции во земјата“, мислејќи секако и на стопанските комори во земјава, и тоа и на двете.
Во секој случај ама веројатно и не случајно, забраната дојде во време кога ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година доживеа дебакл на локалните избори а новите градоначалници, главно од редовите на СДСМ, требаше во стартот да „газат по трње“. Впрочем, победата, навистина тесна, на последните локални избори во Карпош припадна на Сотир Лукровски, кој на тој начин ја доби „привилегијата“ да прави серија на градби во просторот наречен „Скопје на Вардар“ (алузија на операцијата „Белград на вода“). Онаа групација која стои зад сцената на изборите оцени дека Лукровски ќе биде погруб во пресметка со еколозите, што веројатно му донесе адекватна поддршка за победата. Инаку овој сегмент во таа општина што треба да биде нападнат со скелиња е единствениот зелен појас што преостана во оваа градска општина, каде прв стапна токму победениот Јакимовски во својот втор мандат, преку урбанизирање на просторот кај бившиот ресторан „Имес“, но не успеа да го доврши проектот. Огромен е тој простор! Дојдоа и истраги на финансовата полиција, да се потсетиме, негово апсење, а Јакимовски стигна и на црната листа на САД. Оттаму оние кои „дрмаат со сè“ одлучија да си најдат некој помалку оборуван во условно преговорите кому ќе му се дозволи окупацијата на зелениот, рекреативен простор на граѓаните.
Можеме да го земеме и примерот на навидум помалку атрактивната општина Ѓорче Петров. Таму протестите тргна некаде во 2019 година кога тогашната опозиција (ВМРО-ДПМНЕ) на чело со Александар Стојкоски организираше протести против изградба на нови станови. Кога тој истиот стана градоначалник ги реализираше токму тие проекти против кои организираше протести! Кога дојде неговото време, Стојкоски не само што работеше без да има значајни протести против себе, дури и кога истите активности стартуваа после илегална седница на Советот на општината, за време на викенд. Постоеја секако повод за протести. Имаше врева посебно околу методот на одлучување во Советот на општината, но каква ни е опозицијата, а реално и еколошките движења, сè беше попусто. Истиот доби втор мандат деновиве, што му дава крилја за да гради индустриски објекти за тешка индустрија во подрачје каде тоа не би требало да се дозволи (меѓу другото таму, на брегот на Лепенец, постојат бунари за вода за пиење за целиот град!). Ете како еден ист механизам се користи со целосно спротивни одлуки, секако поттикнуван од ист политички центар – палатата Татарчев.
Како си го уништуваваме кејот на Вардар
Гостинката од Бордо – да се вратиме на нејзиното предавање – подвлече (кога сме кај „Скопје на Вардар“) дека најубавиот сегмент од нашиот главен град е кејот на Вардар и секако мислеше на околината околу него. Просто тоа за неа беше бисерот на обновата на градот (објектот инаку се направи во периодот 1970-73), но даде и некои алузии на сквернавење на тој простор, што, да се потсетиме се случи во времето на градоначалникот со два мандати за Скопје – Коце Трајановски, кој носеше таму палми, паркираше креатури на бродови; па видел човекот дека Французите се сончаат на бреговите на Сена па истури песок на кејот, садеше жални врби во коритото…
Укажа и на некои практики во нејзиното Бордо. Големиот појас на јавни површини околу реката Гарона се користи и за да се направат бројни линии на јавниот превоз. Таму луѓето главно не користат автомобили или тоа го прават многу ретко, бидејќи со постојана фрекфенција на јавните превозни средства се стигнува насекаде и во секое време од деноноќието! Нема гужви и тисканици, нема потреба од гаражи на кат, се си е подготвено да ви биде на услуга кога ќе излезете наутро од дома или ќе се враќате попладне од работа, а секако и ноќе ако сакате да одите на некој културен настан или во трговијата.
Таа жестоко ја критикуваше екстензивната градба на станови. Јавниот простор треба да се чува. Таа наведе дека во еден миг, кога се појавила моќна средна класа во Бордо, многу од таа социјална групација заминал да живее на 50 и 100 километри подалеку од градот. Имаат во земјата добри патишта, куќите по селата им се прилагодени на уживање во природа, со автомобил наутро се тргнува на работа или на училиште групно; потоа лесно се враќаат дома, каде ги чекаат за евтини пари најмени готвачи или градинари. Внимавајте сега – за тоа време градската управа не дозволила изградба на нови станбени квадрати, туку е сочуван постојниот станбен фонд, во кој по десеттина година се вратиле „излетниците“. Мишел Лари-Шарлис беше посебно горда на тоа – тие биле далекугледи и сватиле дека постојниот фонд на станови во Бордо е доволен и нема да дозволат нови градби, а потоа тоа се потврдило: сопствениците признале дека ја изгубиле битката со економската криза во светот и државата и си го побарале во џебот клучот од домот во самиот град. Сите се пак на број, нема нови тисканици, животниот простор е сочуван во потребниот обем.
Оваа урбанистка иако е во пензија го работи просторниот план за Бордо до 2050 година, држи предавање за помладите колеги, чето и на меѓународни симпозиуми, па и на такви на кои учествувале студенти од земјава. Нагласува дека некогашниот градоначалник на Бордо, Ален Жипе станал премиер на Франција, а потоа пак се вратил да раководи со овој град. Добрата управа не се менува така лесно, стои таму непроменета и подолго од четврт век.
Општините како „црна дупка“ за финансискиот систем на државата
Но, нашите општини и градоначалници не можат да имаат таква судбина. Просто, освен оние локални заедници кои можат да се набројат на прсти (Карпош е секако тука „првенец“) а каде гледаме дека се атрактивни и за поранешни министри, останатите локалните заедници се наоѓаат во огромна финансиска дупка со децении наназад. Општините се финансиската црна дупка во која се всисува државата без оглед на тоа што тоа никаде не се споменува. Деновиве ВМРО-ДПМНЕ ги брои локалните заедници каде се победници, ама не се гледа и буквално се крие тоа од гласачите дека сега оваа партија ќе го води „орото“ во кое главно како „играчи“ се’ сами загубари! Многу од гласачите што ги знаат приликите во својата средина пак сметаат дека централната власт со гласање за партијата на Мицкоски може да ја смени сликата, концентрирајќи се на тој сегмент и оценувајќи дека токму таму ќе дојде „премијата“.
Имаше најмалку еден случај кога кај нас централната власт се обиде загубите во локалните заедници да ги сведе „на нула“, со цел да се нормализираат ситуација кога секој секому му должи и се создава нерешлив круг.
Во пауза меѓу првиот и вториот иборен круг на локалните избори во 2017 година тогашниот премиер Заев вети финансиска помош за општините.
Тој истакна дека долговите за кои погоре говоревме тогаш изнесуваат многу милиони евра, па тој вети дека владата ќе помогне финансиски за општините да се стабилизираат.
– Јас знам дека сите општини во Македонија должат 382 милиони евра, а мораме да имаме раст и развој во општините. Ќе направиме финансиска консолидација веднаш да вбризгаме пари на општините да се раздолжат и да им дадеме перспективи – рече Заев.
Тој нагласи дека државната власт има намера сериозно и суштински да соработува со локалната власт.
– Дванаесет години водев оштина и знам колку е важна секоја општина за секое семејство и секој човек. Само заедно централната и локалната влст можеме да ги решаваме проблемите кои се од локално ниво, но истовремено се од државен интерес за сите, нагласи Заев.
Исто така Заев тогаш рече дека градоначалниците треба да се воздржат од политизација на администрацијата и да применат креативност во надминувањето на предизвиците.
– Може ќе заминете од функцијата посиромашни, но ќе бидете посреќни – рече Заев на Националниот форум за градоначалници, кој се одржа во Струга.
На форумот организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа и со Министерството за финансии, 79 градоначалници имаа можност да дискутираат со премиерот и со министрите за приоритетите и за потребите на општините.
На собирот оваа насока ја поздравија и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон како и Самуел Жбогар, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, кој истакна дека патот кон решавање на локалните проблеми е тежок, но води кон подобар живот за граѓаните.
Јасно дека ваквите потези ја растоваруваат финансиската обременост на земјата ама не се секогаш и правични бидејќи градоначалниците во многу ликвидни општини ќе помислат дека ако не ги плаќале своите обврски полесно би поминале, би добиле пари од државата!
И одново – нови долгови на општините!
Според истражувањето на „Блумберг“ само во првите три месеци од 2025 година долгот на општините, единките корисници во нив и општинските јавни претпријатија се зголемил за три милиони евра. Според податоците на Министерството за финансии за првиот квартал од годинава, најголеми должници се општинските јавни претпријатија, кои на крајот на март имале достасани а неплатени побарувања во вредност од 11,4 милиони евра.
Општините на крајот на декември 2024 година должеле 60,8 милиони евра, заклучно со март нивниот долг се искачил на 63,4 милиони евра. На списокот најголеми должници на Министерството за финансии се наведени Гостивар, Тетово и Град Скопје!
Од општинските јавни претпријатија најалармантна е состојбата кај комуналните претпријатија. На врвот на листата се скопскиот и кумановскиот водовод, но и Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП).
Една од причините за трупањето на општинските долгови е недоволното финансирање на локалната власт, се наведува во одговорот на прашањата што „Блумберг Адрија“ ги испрати до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
„ЗЕЛС во континуитет укажува пред централната власт и се залага за посериозни промени во овој дел, по примерот не само на европските земји туку и на соседните држави. Ставот на ЗЕЛС е дека е потребно да се одвојуваат најмалку 10 отсто од ДДВ и 50 отсто од персоналниот данок и наедно да се зголемат средствата што ги добиваат преку блок-дотации за спроведување на префрлените надлежности. Тоа е во согласност со Европската повелба на локална самоуправа, каде што за секоја префрлена надлежност задолжително треба да се префрлаат и соодветни финансиски средства за нејзино спроведување“, велат од ЗЕЛС, според овој извор.
Некои од долговите на општините се историски, рекле од ЗЕЛС. Тие настанале во минатото, кога државата вршела конфискација на приватни имоти за јавни потреби и со поделбата на власта, „тие заедно со каматите, кои станаа поголеми од основицата, се таложат. Некои општини успеаја да ги вратат, некои сè уште се борат со овие предизвици“, велат од ЗЕЛС. Сепак, добар дел општински долгови се нови, настанати се во последните пет години, во период на здравствена и енергетска криза.
Унгарскиот кредит – милијарда со многу прашалници за нејзиното користење
„И покрај многубројните укажувања од ЗЕЛС, општините не добија никаква финансиска поддршка од централната власт. Во последниов период некои јавни установи, формирани од општините, се соочуваат и со предизвикот за обезбедување дополнителни финансии за исплата на плати на јавната администрација, по основ на законско зголемување, за што преговараме со централната власт“, велат од заедницата на општините. Ова со помошта од централната власт секако не е точно како констатација – оваа власт не дава помош.
Јавноста, да се потсетиме се сеќава дека државата зема т.н. унгарски кредит од една милијарда евра и наведе дека најмалку една четвртина од тие пари ќе одат кон локалните заедници. Според ЗЕЛС завршени се 76 проекти со парите од унгарскиот кредит, а ако може да забележиме тоа е сума која е далеку од ветените 250 милиони евра! Впрочем се работи, да се потсетиме за кредит кој треба да се враќа, а големо е прашањето дали општините кои добиле вакви пари ги исполниле таквите критериуми да вложуваат во проекти кои ќе оплодуваат приходи од кои кредитот ќе треба да се враќа. Или се смета дека власта едноставно си кредитирала некои свои градоначалници за тие да асфалтираат улици и крпат слични дупки кои сами по себе нема да враќаат пари!
„Оваа можност (од кредитот) ја користат најголем број општини и на тој начин делумно ќе ги надополнат оние празнини во населените места каде што досега не била обезбедена канализациска или водоводна мрежа или не биле асфалтирани одредени патни правци, но и за многу други намени. Некои од општините овие средства ќе ги искористат и за доградба или изградба на јавни објекти што се од приоритетно значење за одредени подрачја, како што се градинки, училишната инфраструктура, катни гаражи и друго“, велат од ЗЕЛС. Ова секако нема да оплодува средства кои ќе ја кренат солвентноста на добитниците на кредити, секако.
Унгарскиот кредит како морален хазард
И кому се делени ваквите кредити? Па можете да претпоставите. Најголемиот кредит го добила општина Куманово а неговата вредност изнесува 3,4 милиони евра и наманет за комунални проекти во индустриската зона. Таму добитникот, старо-новиот градончалник Максим Димитриевски одвај се провлече, за влакно и покрај дадените пари, кои не ги импресионираа, се гледа гласачите. Најголемо воодушевување од изборот имаше во едно маало во предгрдието чии жители ќе остане со – вода во очите.
За слични проекти кредит добивале општини како Дебреше или Долнени со по 6 илјади евра!
Оваа дилема годинава околу долговите, пред и после локалните избори е уште поголема. Се чини дека – според две дискусиите во емисијата „Топ тема“ на Телма, една од пред изборите, а втората потоа, по вториот круг долговите во споменатиот замаен круг, кога секој му должи секому а локалните заедници го имаат главниот збор, се многукратно поголеми!
„Општините книжат долгови, буџети полнат најмногу од градежни дозволи и маркици. За проекти се крстат во помош од централната власт. Во животната средина рециклираат главно странски донации, а опкружени се со жешки еко – точки“. Ова беше речено во мигот кога граѓаните беа свртени главно на гласање, на 1 октомври годинава, пред изборите во „Топ тема“, водена од Боби Христов. Анализата ја правеа Герман Филков од Центар за граѓански комуникации, Блаже Јосифовски од Go Green и Ѓорѓи Хаџи Василев од Институт за демократија Сициетас Цивилис.
Во втората емисија во која гостуваа Благица Петрески од Finance think, Борче Треновски универзитетски професор и одново Герман Филков од Центар за граѓански комуникации беше потенцирана оваа ситуација, која е како неркаков голем змеј (наш израз) кој се заканува на вкупната финансиска ситуација во земјата!
Седумдесет општински претпријатија од вкупно 128 во Северна Македонија работат со финансиски загуби, изјави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, во емисијата „Топ тема“. Според него вкупните загуби на овие компании изнесуваат околу 17 милиони евра, додека неплатените и доцнење на обврските изнесуваат приближно 200 милиони евра. Тој изјави дека ова е една од главните причини зошто ѓубрето не се чисти во градовите.
Филков се осврна и на парите од унгарскиот кредит „кои се само еден дел од т.н. морален хазард, затоа што беа доделувани од ноември лани до октомври годинава, значи на 11-12 месеци пред изборите, 112 милиони евра во чудни проекти за асфалтирање на улиците, поставување на бекатон плочки … “.
Навлегуваме во нов период на активности во локалните заедници. Најјасно е дека за изградбата на станови, онаму каде сега се главно зелени површини, веднаш ќе има активности. Никој нема план што со загубите, ниту со ѓубрето што не може да се чисти со у-ра акции и ангажирање на средства од други градови и компании кои имаат сосема различна дејност. Оние кои се богатат од ваквите состојби ќе станат побогати, граѓаните посиромашни и позагрозени од еко-состојбите а државата ќе се дави во нови борчови.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА












