Пратениците на вториот ден од расправата го донесоа буџетот за 2026 година, тежок 6,7 милијарди евра. Вкупно гласаа 85 пратеници – 71 гласаа „за“, а 14 против, воздржани немаше.
Буџетот за 2026 година тежи отприлика 6,7 милијарди евра и во него растот на БДП е проектиран на 3,8%, а инфлацијата на 2,5%. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5% од планираниот БДП.
Расправата помина со жестоки меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Опозицијата го критикува буџетот како неразвоен, ниту социјален, предизборен и оддалечен од реалноста, додека власта тврди дека тој е развоен, европски и носи силен инвестициски циклус со подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Сега имаме фискална дисциплина, наместо распаднати јавни финансии. Овој буџет е консолидиран, а не напумпан. Европски е, а не уличарски. Воведуваме е-фактура, дигитализација на УЈП и Царината, минимален глобален данок и системски реформи. СДСМ остави хаос, неплатени обврски, буџетски дупки, непресметани долгови и ефикасност сведена на популизам и партиска администрација“, изјави Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ.
„Живееме во различна димензија. Кога зборувате за трета економија, погледнете Швајцарија (42-ра) и Германија (47-ма). Не треба да жалиме како тие живеат, туку да видиме што е реално во нашиот буџет“, рече Јован Митрески од СДСМ. Тој додаде дека сегашното ниво на инвестиции и структурата на буџетот се „навреда за самиот збор капитални“.












