Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде детали за ажурираниот мировен план кој ѝ нуди на Русија потенцијално повлекување на украинските трупи од исток, нешто што го бара Москва, пренесува Би-би-си.
Давајќи детали за планот од 20 точки договорен од американските и украинските преговарачи во Флорида за време на викендот, Зеленски рече дека Русите ќе го дадат својот одговор откако Американците ќе разговараат со нив.
Опишувајќи го планот како „главна рамка за завршување на војната“, Зеленски рече дека тој предлага безбедносни гаранции од САД, НАТО и Европејците за координиран воен одговор доколку Русија повторно ја нападне Украина.
Во врска со клучното прашање за источен Донбас во Украина, Зеленски рече дека „слободна економска зона“ е потенцијална опција.
Планот од 20 точки се смета за ажурирање на оригиналниот документ од 28 точки, договорен од американскиот претставник Стив Виткоф со Русите пред неколку недели, кој беше широко оценет како силно насочен кон барањата на Кремљ.
Русите инсистираа Украина да се повлече од речиси една четвртина од својата територија во источниот регион Донецк во замена за мировен договор. Остатокот е веќе под руска окупација.
Чувствителните прашања, вклучително и прашањата за територијата, ќе треба да се решат „на ниво на лидери“, но новиот нацрт ќе ѝ обезбеди на Украина силни безбедносни гаранции и воена сила од 800.000 војници, објасни Зеленски.
Тој им рече на новинарите дека бидејќи Украина е против повлекувањето, американските преговарачи бараат да се воспостави демилитаризирана зона или слободна економска зона.
Тој рече: „Постојат две опции: или војната да продолжи, или ќе треба да се одлучи нешто во врска со сите потенцијални економски зони“.
Тој нагласи дека економска зона ќе треба да се воспостави и околу нуклеарната централа Запарижје, која моментално е окупирана од Русија, и дека руските трупи ќе треба да се повлечат од четири други украински региони – Днипропетровск, Николаев, Суми и Харкив.
М. Д.













































