Генералниот секратар на НАТО, Марк Руте, при посетата на земјава, порача дека НАТО ќе ја брани секоја педа од својата територија и нема да дозволи појавување на безбедносен вакуум во регионот. Во врска со нападите на САД, како земја-членка на НАТО, врз Иран и можната реакција на Алијансата доколку состојбата ескалира, тој двапати потенцираше дека НАТО не е инволвирано во конфликтот.
„Но, да бидеме апсолутно јасни што се случува. Иран е се поблиску до можност да ги употреби своите нуклеарни и балистички способности, што не е закана само за регионот на Блискиот Исток и закана за Израел, туку претставува закана и за нас тука, во Европа. Повторно, НАТО не е инволвирано. Можам да ве уверам дека НАТО ќе го одбрани секој сантиметар од територијата на НАТО“, потенцираше генералниот секретар на НАТО.
Руте за време на посетата се сретна со државниот врв, претседателката Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, и имаше обраќање во парламентот.
Руте ја пофали Македонија дека е клучна за осигурување на заедничката безбедност во Источното крило на НАТО, но и во регионот на Западниот Балкан, кој според него е од стратешки интерес на Алијансата. Ја пофали земјата и за издвојување на два процента од БДП за одбраната, за што рече дека е добра основа за достигнување на пет проценти за одбраната до 2035 година.
Истовремено, Руте во обраќањето пред пратениците, не заборави да упати благодарност до Радмила Шеќеринска нарекувајќи ја „одличен избор“ за функцијата заменик генерален секретар во НАТО , порачувајќи дека „со особена гордост соработува со неа“ .
Руте изјавата ја даде откако претходно, на маргините на минхенската конференција, заменик-генаралната секретарка на НАТО, Радмила Шеќеринска беше навредувана и критикувана неаргументирано, со понижувачки тонови и со етикетирање од српскиот претседател Александар Вучиќ кој ја поврза Шекеринска со „сецесија“ на дел од територијата на Србија, алудирајќи на Косово. Изјавата на Вуќиќ наиде на различни реакции кај партиите од владејачката гарнитура и опозицијата во земјава.
Руте голем дел од своето обраќање во Собранието посвети на Украина, при што порача дека сојузниците се со нас секогаш кога ќе се соочиме со опасен и насилен свет, посочувајќи ги директно Русија, Кина и Иран, додека осврнувајќи се на агресијата на Русија врз Украина, дека рече кога војната ќе заврши мора да се обезбеди дека мирот ќе биде оддржлив и Украина за тоа да добие гаранции, со порака дека „безбедноста на Украина е наша безбедност“,
Пораките на Руте со осуда на руската агресија врз Украина дојдоа истовремено додека пратениците на про руската партија Левица, која за цело време на руската агресија врз Украина се на страната на државата агресор, патувајќи на релација Скопје-Москва, и беа неизбежен декор на настаните организирани од руската амбасада во земјава, раширија платно на кое имаше порака: НАТО убива за профит! .
Д. Мишев












































