Војната меѓу Соединетите Американски Држави, Израел и Иран влегува во шеста недела. Конфликтот прераснува во долготрајна и комплексна војна со сериозни регионални и глобални последици. Расте бројот на жртви, меѓу кои децата се најтрагична жртва и во оваа војна.
Израелските сили гаѓаат индустриски и инфраструктурни цели во Иран, а војна се води и во Либан. Според последните извештаи, таму веќе има над 1.400 загинати од почетокот на операциите, а цивилното население масовно се раселува.
Американските специјални сили спроведоа ризична операција за извлекување на пилот соборен на иранска територија, при што се пријавени и дополнителни жртви на терен.
Хуманитарните и независните извори укажуваат на драматичен пораст на жртвите. Во Иран, вкупниот број на загинати се проценува на над 1.600 цивили, со илјадници повредени. Некои проценки одат и до околу 1.900 вкупни жртви во земјата од почетокот на војната.
Повеќе од 340 деца се убиени, а илјадници се повредени низ регионот. Во целиот регион, бројот на загинати надминува 2.000 луѓе, со постојан раст.
Покрај цивилните жртви, потврдени се и загуби кај американските сили, додека нападите врз Израел и други земји предизвикуваат дополнителни жртви и повреди.
Хуманитарната состојба нагло се влошува. Над 1,2 милиони деца се раселени во регионот. Системите за здравство, образование и снабдување се тешко оштетени. Над 700 училишта се уништени или оштетени. Испораката на хуманитарна помош е отежната поради блокади и безбедносни ризици.
Особено загрижувачки се нападите врз цивилна инфраструктура, вклучително и образовни институции, што дополнително ја продлабочува кризата.
Б. Јордановска













































