Американските специјални сили изведоа една од најризичните операции од почетокот на војната со Иран, успешно извлекувајќи член на екипажот на борбен авион соборен длабоко на иранска територија.
Спасувањето следи по соборувањето на американски F-15Е, при што двајца членови на екипажот се катапултираа. Додека едниот бил брзо пронајден, вториот останал зад непријателските линии речиси два дена, во планински и исклучително опасен терен.
Според официјални извори, операцијата вклучувала десетици летала и специјални единици, кои навлегле на иранска територија под силен притисок од иранските сили.
Иранските структури, вклучително и припадници на Револуционерната гарда, активно го барале пилотот, додека државни медиуми повикувале и цивили да помогнат во негово лоцирање, што дополнително ја зголемило опасноста од негово заробување.
Американските сили, според извештаите, се соочиле со силен оган за време на операцијата. Неколку хеликоптери биле погодени, но успеале да се извлечат, додека дел од леталата биле оштетени или изгубени во текот на акцијата.
Операцијата била изведена во екстремно сложени услови, со координација меѓу воздухопловните сили, специјалните единици и разузнавачките служби. Според американски извори, пилотот бил извлечен повреден, но во стабилна состојба.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша акцијата како „една од најсмелите спасувачки операции во воената историја“, нагласувајќи дека мисијата била успешно завршена без дополнителни загуби меѓу американските сили. Од друга страна, Иран тврди дека се убиени пет лица, а повеќе борбени летала се уништени во текот на операцијата.
Д. Мишев













































