Украина ги засилува воените операции врз руските воени и логистички капацитети на окупираниот Крим, во обид да ја наруши способноста на Москва да ја користи полуостровската територија како воена база, логистички центар и платформа за напади врз Украина.
Според украински и меѓународни извештаи, во последните денови биле изведени серии удари врз стратешки цели на Крим, меѓу кои транспортна инфраструктура, енергетски објекти, нафтени депоа, логистички точки и објекти поврзани со руските сили. Украинската страна соопшти дека целта на ваквите операции е да се отежне снабдувањето на руските окупациски сили, особено во јужниот правец.
Во дел од извештаите се наведува дека масовни напади со воздушни и поморски дронови биле насочени кон воени аеродроми, пристаништа и бази што ги користат преостанатите единици на руската Црноморска флота. Се споменуваат удари во реонот на Севастопол, Феодосија и други делови на окупираниот полуостров, како и експлозии и пожари во близина на воени и логистички објекти.
Посебно внимание привлекуваат извештаите за напади врз подрачјата поврзани со аеродромот Белбек кај Севастопол, пристанишната инфраструктура во Севастопол и Феодосија, како и објекти за гориво и снабдување што ја поддржуваат руската воена машинерија на Крим. Се јавува и за оштетување или уништување на руски пловни објекти, но целосниот обем на штетата засега не може целосно да се утврди.
Тоа што е јасно е дека украинските удари сè поуспешно ја погодуваат логистичката основа на руското присуство на Крим. Во Севастопол и други делови на полуостровот беа пријавени ограничувања во снабдувањето со гориво и електрична енергија, додека руските окупациски власти ги минимизираат последиците или ги претставуваат како „технички проблеми“.
Ова се вклопува во пошироката украинска стратегија за притисок врз руските воени капацитети во заднината. Во последните недели Украина изведе и удари врз нафтени и енергетски објекти длабоко во Русија, вклучително и цели оддалечени илјадници километри од украинската граница. Кијив ја претставува оваа кампања како одговор на руските систематски напади врз украинските градови, енергетската инфраструктура и цивилното население.
Паралелно со тоа, Русија продолжува со секојдневни напади врз украинските региони. Во последните извештаи се регистрирани цивилни жртви и повредени во повеќе области, меѓу кои Суми, Запорижја, Харкив, Одеса и други делови на земјата. Руските сили продолжуваат да користат беспилотни летала, ракети, наведувани авиобомби и артилерија против населени места, енергетски објекти, пристанишна инфраструктура и цивилна логистика.
Украина, од своја страна, инсистира дека нападите врз руската воена инфраструктура, логистика и капацитети за снабдување се дел од легитимната одбрана од агресија и ослободување од окупацијата. Целта е да се намали способноста на Русија да продолжи со напади врз украинските градови и да ја осуети одржува окупацијата на украинска територија.
Крим останува клучна точка во војната. Од 2014 година, Русија го претвори окупираниот полуостров во воена платформа за контрола на Црното Море, притисок врз јужна Украина и напади врз украинската територија. Затоа украинските удари врз воени, логистички и енергетски цели на Крим имаат не само тактичко, туку и стратешко значење.
Џ. Дерала / Д. Мишев












