Довербата во изборниот процес не се гради со брзи и нетранспарентни законски измени, туку преку инклузивен, транспарентен и демократски процес во кој учествуваат сите засегнати страни. Ова е една од клучните позиции што ЦИВИЛ континуирано ја застапува во однос на изборните реформи.
Во контекст на владиниот предлог за измени на Изборниот законик, Џабир Дерала во анализата „Изборен инженеринг во најава: Како власта си го приватизира Изборниот законик“ повторно укажува дека изборите не се сопственост на власта и дека правилата според кои се избира политичката власт не смеат да се менуваат без широка јавна дебата и општествен консензус.
Според долгогодишните позиции и препораки на ЦИВИЛ, довербата во изборниот процес не може да се гради преку автократско носење закони зад затворени врати.
Препораките на ЦИВИЛ во однос на владиниот предлог се логични, јасни и итни:
- Итно повлекување од скратена постапка
Закон кој ги дефинира правилата за политичка моќ не смее да се носи шверцерски. Мора веднаш да се прекине итната собраниска процедура.
- Институционализирање на дебатата
Собранието мора да организира серија јавни расправи со задолжително и суштинско (а не само формално) учество на невладините организации, експертската јавност и академската заедница. Изборните правила мора да бидат консензуален општествен договор.
- Отфрлање на интернет гласањето (i-voting)
Сè додека државата не изгради робусна сајбер-одбрана и додека не постои технологија која истовремено гарантира и сигурност и тајност на гласот без принуда, воведувањето на електронско гласање за дијаспората мора целосно да се стопира.
- Фокус на вистинска демократизација
Наместо технолошки експерименти, потребни се суштински реформи — една изборна единица, отворени листи, департизација на изборната администрација и еднаков пристап до државно финансирање за сите политички субјекти.
Прочитајта повеќе:
Изборен инженеринг во најава: Како власта си го приватизира Изборниот законик













