Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку писмено соопштение упати остри критики кон коалицијата ВЛЕН, обвинувајќи ја дека по влезот во Владата дејствува спротивно на своите предизборни ветувања и дека овозможува засилено влијание на т.н. „српски свет“ во Северна Македонија.
Во партиското соопштение се наведува дека ВЛЕН го прекршила ветувањето дека нема да стане дел од извршната власт доколку ги загуби изборите, дури и за еден глас. Според ДУИ, наместо ветеното достоинство и застапеност, ВЛЕН се претворила во, како што велат, „целосен инструмент на ВМРО-ДПМНЕ и на политиките што го фаворизираат влијанието на српскиот свет“.
Како потврда за своите ставови, партијата се повикува на Извештајот на Европскиот парламент.
„За две години по ред, Извештајот на Европскиот парламент евидентира загриженост за растот на влијанието на ‘српскиот свет’ во Република Северна Македонија и јасно го апострофира промовирањето на овие политики од страна на претставници на власта. Ова веќе не се само оценки на опозицијата, туку констатации на најважните европски институции“, стои во реакцијата на ДУИ.
Како аргументи за своите тврдења, од партијата посочуваат неколку настани и процеси, меѓу кои улогата и политичкото влијание на Иван Стоилковиќ во Владата, приближувањето со политичките структури на Милорад Додик и договорите во енергетскиот сектор со компании поврзани со неговите интереси. Исто така, го споменуваат и проширувањето на присуството на српскиот банкарски капитал во државата, што според нив претставува „мозаик кој не може да се негира“.
Дополнително, ДУИ обвинува дека паралелно со ова влијание се одвива и „систематско разјадување на Охридскиот договор“ преку одлуките на Уставниот суд и политиките на Владата, за која велат дека е без етнички легитимитет. Во овој процес, според нив, ВЛЕН не е само набљудувач, туку „камуфлатор, релативизатор и сореализатор“ на политики кои ги нарушуваат колективните права на Албанците.
На крајот од соопштението, ДУИ порачува дека претставниците на власта не можат да ја избегнат одговорноста преку пропаганда и напади врз опозицијата, заклучувајќи дека граѓаните ја гледаат вистината и дека тие ќе го дадат конечниот суд за оваа, како што ја нарекуваат, политичка и морална измама.
ЦМ Деск












