Во англиското издание на медиумската платформа на ЦИВИЛ, CIVIL.Today, денеска е објавен обемен новинарски извештај на Џабир Дерала, „Rebuilding Life and Democracy Under Fire… Ukraine“, напишан по интензивното патување во украинските градови Луцк, Кијив, Буча, Ирпин и Бородјанка.
Во текстот во кој се наведуваат дури 34 имиња, Дерала пишува за украинското општество кое, и покрај постојаните руски напади, продолжува да ги обновува своите домови и заедници, да ја чува меморијата за жртвите и да ја практикува демократијата – под оган. Посебно внимание им посветува на новинарите за кои ознаката PRESS, наместо заштита, може да значи смртна опасност, како и на сведоштвата од Буча, Ирпин и Бородјанка.
„Украина никогаш не била земја што ја посетувам. Тоа е земја во која се враќам“, пишува Дерала.
Извештајот е истовремено лична рефлексија, новинарско сведоштво и порака на длабока благодарност до колегите, домаќините, пријателите и сите луѓе што ги споделија своите приказни со делегацијата на Media Dialogue 2026, предводена од основачот д-р Волфганг Ресман, а во чиј состав беше и претседателот на Унијата на новинарите на Германија, Мика Бојстер и колегата Џабир Дерала во својство на претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на медиумската платформа на организацијата.
Б. Ј.












