Во текот на вечерта, изворите на ЦИВИЛ МЕДИА во Кијив пријавија дека жителите на главниот град на Украина се подготвуваат за нов голем напад.
„Сѐ е во ред. Очекуваме силен ракетен напад на Кијив“, гласи една од пораките што ги добивме од наш колега во Кијив.
Пораката беше придружена со насмевка.
Агресорот изврши нов масовен ноќен напад врз Украина во ноќта меѓу 19 и 20 август, со најтешки последици во главниот град Кијив. Според најновите достапни информации утрово, бројот на загинати во рускиот напад врз Кијив се искачи на најмалку 12 лица, а повеќе од 30 се повредени. Претходните извештаи јавуваа за најмалку шест загинати, но бројот растеше додека спасувачките екипи продолжуваа со пребарување на урнатините. Локалните власти и украинските служби за итни состојби соопштија дека удари и оштетувања се регистрирани на повеќе локации во градот, меѓу нив и во Дарницкиот, Свјатошинскиот и Соломјанскиот реон.
Нападот повторно ја погоди цивилната урбана инфраструктура. Според извештаите, оштетени се станбени згради, медицински објект, образовна институција, магацини и други објекти, а во повеќе делови од градот избувнале пожари. Во Соломјанскиот реон биле уништени горните катови на деветкатна станбена зграда, додека спасувачите работеле во услови на пожари, урнатини и извештаи за луѓе заробени во урнатините.
Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, соопшти дека во нападот биле погодени и цивилни објекти, меѓу кои станбени зони, магацини и детска болница. Нашите колеги ни пренесоа дека руските балистички ракети предизвикале пожари на повеќе локации, оштетувања на објекти и прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од градот.
Нападот врз Кијив започнал кратко по полноќ на 20 август и траел со часови, при што градот бил под удар на балистички ракети и беспилотни летала. Медиумот јави дека најмалку 12 лица загинале, дека е оштетена детска болница и дека, во моментот на последното ажурирање утрово, воздушната тревога во главниот град сè уште била во сила.
Агресорот, како и многупати порано, тврди дека нападите биле насочени кон објекти поврзани со производство на компоненти за дронови, воен магацин и логистички центар во Кијив и околината. Но последиците што ги пријавуваат украинските власти, меѓународните медиуми и изворите на ЦИВИЛ МЕДИА од теренот, повторно покажуваат дека се загинати и повредени цивили, дека се оштетени станбени, медицински и образовни објекти и цивилна инфраструктура во уште една ноќ на терор за жителите на Кијив.
Претходно, руски дрон погоди минибус во Херсон, при што загинаа четири лица, а во Житомир беше погоден полициски објект, со двајца загинати полицајци.
Украина повторно предупреди дека Русија ја интензивира употребата на балистички ракети за да ја исцрпи ограничената украинска противвоздушна и противбалистичка одбрана, особено резервите на ракети-пресретнувачи за системите Патриот.
Овој напад уште еднаш покажува дека руската агресија претставува систематски терор против цивилниот живот. Кога балистички ракети и дронови погодуваат станбени згради, болници, училишта, магацини, јавна инфраструктура и населени квартови, последицата не е „колатерална штета“, туку секојдневно уништување на животот во градовите.
Во руската војна, домот, болницата, училиштето и улицата не се безбедни места.
На Украина ѝ се потребни повеќе системи за противвоздушна и противбалистичка одбрана, повеќе ракети-пресретнувачи, посилни санкции против руската воена индустрија и затворање на каналите преку кои Русија продолжува да произведува и набавува ракети, дронови и компоненти. Секоја одложена испорака на одбрана и секоја дупка во санкцискиот режим му дава на агресорот можност за уште една ноќ на крвави напади врз цивилите.
Џ. Дерала












