Премиерот Христијан Мицкоски реши на американската публика да ѝ понуди нешто што никој не му го дал на располагање, ставот и убедувањата на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, држава во Европа, кандидат за членство во ЕУ.
Во интервјуто за „Брајтбарт њуз“, Мицкоски зборува за блиските односи со Соединетите Американски Држави, за партнерството, инвестициите и слично. Но Мицкоски отиде многу подалеку. Тој тврди дека македонските граѓани „многу решително“ ја поддржуваат администрацијата на Доналд Трамп и дека кредибилитетот на американскиот претседател меѓу нив бил исклучително висок, наводно повисок отколку на друго место во Европа. Не наведува која анкета, кој институт, кој примерок, кое прашање или кој период стојат зад ова тврдење.
Еден премиер може да ја изрази политиката на својата влада. Може да каже дека Владата го поддржува Вашингтон. Може да објасни зошто смета дека определена американска политика е корисна за неговата земја. Може да биде и ентузијастичен поддржувач на Трамп, ако тоа е негов политички избор. Но премиерот не е сопственик на мислењето на граѓаните. Дури и да постои некоја интерна анкета според која тој го извлекува заклучокот за „решителната“ поддршка на македонските граѓани за Трамп, тоа не смее да остане надвор од очите на јавноста и можноста за дискусија.
Луѓето не се предмети, ниту коцкарски жетони кои Мицкоски може да ги извади од џебот и да ги стави на масата пред Трамп. Патем, Мицкоски прави уште една манипулација во смисла – еве, не сум само јас со вас, цел народ е зад мене.
Мицкоски се пофали дека Северна Македонија била целосно усогласена со американските позиции за меѓународните прашања. Тој не крие дека, кога на претседателот Трамп му била потребна поддршка при гласања во Обединетите нации, Северна Македонија ја давала таа поддршка веднаш, јасно и без резерви – „не се криевме во толпата“, како што вели. Притоа, тој самиот ги поврза тие позиции со интересите на администрацијата на Трамп. Мицкоски изјави дека американски воени авиони секојдневно слетуваат и полетуваат од аеродромите во Северна Македонија, а дел од нив ги користат и за паркирање и краток престој пред да продолжат кон Персискиот Залив.
Веројатно не е ни свесен што кажал. А би требало (!) да знае дека постои јасна разлика меѓу сојузничките обврски и процедурите што произлегуваат од членството во НАТО и евентуалната политичка одлука Северна Македонија да обезбедува логистичка поддршка за конкретни американски воени операции надвор од рамката на Алијансата.
Тие што барем малку разбираат што значи поимот надворешна политика на една суверена држава, знаат дека таа не треба да се води според тоа што му е потребно на претседателот на друга држава. Без оглед на тоа дали таа држава, во случајов САД, е најважниот стратешки партнер. Гласањето во Обединетите нации треба да произлегува од интересите на Северна Македонија, нејзините меѓународни обврски, вредности, безбедност и проценка на секое конкретно прашање. Не тоа што му е потребно на Трамп, кој во моментов има само 33 проценти поддршка во САД – најниско ниво во неговото претседателствување.
Сојузништвото не значи дека премиерот треба да ја стави земјата во позиција на слепа послушност и вазалство. Во таа смисла, стратешкото партнерство со Соединетите Држави не значи политичка заклетва на верност кон еден американски претседател. Претседатели доаѓаат и заминуваат. Државите остануваат. Институциите остануваат. Стратешките партнерства треба да ги надживеат партиите и личностите. САД ќе го надживеат Трамп. Тоа е голема и моќна држава. Вазалството на Мицкоски кон Трамп може многу повеќе да ѝ наштети на Северна Македонија, која е мала и сиромашна ЕВРОПСКА држава, отколку Трамп на САД.
Затоа е проблематична и фалбата на Мицкоски дека неговата влада го поддржувала Трамп уште пред изборите во 2024 година, во време кога, како што нагласува, малку европски влади верувале во неговата победа. Тоа е раскажано речиси како доказ дека Северна Македонија навреме се обложила на победникот. И сега очекува исплата од добитниот тикет во обложувалницата? Навистина, што очекува Мицкоски и каде ја води државата?
Уште полошо, Мицкоски ги претвора граѓаните во жетони на коцкарска маса, без чувство дека меѓународната политика не е казино. Океј, некои ќе кажат дека е бордел. Еве и тоа да е, Мицкоски нема право да ја турка целата држава во тој бордел. Може да оди сам или со своето друштво. Не да им ја припишува сопствената политичка позиција на сите граѓанки и граѓани на оваа земја.
Некои луѓе во земјата веројатно го поддржуваат Трамп. Некои не. На многумина веројатно американската политика воопшто не им е приоритет. Демократијата почнува токму со признавањето на таа различност.
Да не се разбереме погрешно. Северна Македонија има потреба од добри, длабоки и долгорочни партнерски односи со Соединетите Американски Држави. Тие односи се неспорни и исклучително важни и потребни. Но кога премиерот коленичи пред Трамп лично, со целата земја зад себе врзана со јаже, понудена на тацна на неговата трансакциска и нестабилна политика која и дома и во Европа е предмет на жестока критика – тоа е веќе сериозен проблем.
Текстот е личен став на авторот.
Авторот стои зад изнесените ставови и ја презема личната одговорност за содржината на текстот, во рамките на важечкото право. Во случај на правен приговор или постапка, авторот бара тие првенствено да бидат упатени до него, а медиумските платформи да бидат изземени од одговорност секогаш кога тоа го дозволува законот.













