Најмалку 165 лица загинаа, а речиси 1.500 се водат како исчезнати по катастрофалните поплави што ги погодија пограничните области меѓу Непал и Тибет. Меѓу исчезнатите има стотици странски туристи и аџии од повеќе од 30 земји. Спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани во едно од најтешко погодените подрачја на Хималаите.
Катастрофална буична поплава и свлечишта во средата зафатија долини и населени места долж границата меѓу Непал и кинески Тибет, носејќи со себе куќи, возила, мостови, патишта и делови од хидроенергетската инфраструктура.
Во Непал, според полициските и туристичките власти, 826 лица се водат како исчезнати, од кои речиси 600 се странски државјани. Меѓу нив се 177 лица од Индија, 63 од САД, 34 од Австралија, 33 од Велика Британија и 25 од Канада, пренесува Гардијан.
На тибетската страна, кинеските државни медиуми известија за 558 исчезнати, меѓу кои најмалку 260 странски државјани. Во Тибет досега се потврдени и три смртни случаи.
Првичните информации сугерираа дека земјотрес можеби го предизвикал настанот. Но, дополнителната анализа на американскиот Геолошки институт (USGS), како и сателитските снимки, покажале дека немало земјотрес.
Наместо тоа, се смета дека огромно парче глечер, мраз и карпи се урнало на височина од околу 5.200 метри. Материјалот се срушил во долината и предизвикал огромен нанос од вода, мраз, камења и кал што се спуштил низ реката Лхенде и понатаму кон Непал.
Сателитските снимки на Planet Labs покажале дека свлечиштето од мраз и карпи го погодило коритото на реката, привремено ја блокирало водата, а потоа насобраната вода и наносите се ослободиле како огромен бран.
USGS подоцна утврдил дека првично регистрираниот сеизмички сигнал, за кој било известено дека е земјотрес со магнитуда 4,4, всушност бил предизвикан од колапсот на глечерот и движењето на огромната количина карпи и мраз.
Најтешко е погоден непалскиот округ Расува, во близина на границата со Тибет. Поплавниот бран продолжил низ системот на реките Бхоте Коши и Тришули, зафаќајќи ги и областите Нувакот и Дадинг.
Според меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, цели села и пазарни подрачја биле избришани.
Најмалку 19 мостови и околу 40 километри патишта биле уништени или тешко оштетени. Голем дел од погоденото подрачје останал без електрична енергија поради оштетувањето на хидроенергетската инфраструктура.
Непалската армија испрати хеликоптери, спасувачки тимови, дронови и кучиња трагачи во погодените подрачја. Сепак, уништените патишта, високите водостојни и огромните количини кал и наноси значително го отежнуваат пристапот до најпогодените места.
Во Тибет, кинеските власти мобилизираа речиси 800 припадници на спасувачките служби, 150 возила, кучиња трагачи и чамци. Претседателот Си Џинпинг нареди максимални напори за пронаоѓање и спасување на исчезнатите.
Постои и стравување од дополнителни поплави поради акумулација на вода и наноси во погодените речни корита.
Обединетите нации најавија мобилизирање тимови, опрема и материјална помош за погодените заедници. САД најавија 500.000 долари итна помош, додека Црвениот крст активираше средства за спасувачките и хуманитарните операции.
Индија испрати авион со итна помош, вклучително шатори, ќебиња, хигиенски материјали, соларни ламби и лекови. Европската Унија, пак, го активираше системот „Коперник“ за сателитско мапирање на погодените подрачја.
Научниците сè уште истражуваат дали и во колкава мера климатските промени придонеле за конкретниот колапс. Сепак, регионот се соочува со забрзано топење на глечерите и промени во снежната покривка, што може да ја зголеми нестабилноста на планинските падини и ризикот од ненадејни поплави.
Извор: Гардијан












