Русија продолжи со интензивни воздушни напади врз Украина со дронови, ракети и удари врз цивилна и логистичка инфраструктура. Во последните денови, Кијив и Кијивската област беа под речиси постојан напад. Украинските власти во континуитет предупредуваат дека Москва се обидува да ја исцрпи противвоздушната одбрана и да го претвори секојдневниот живот на цивилите во непрекината вонредна состојба.
Најтешкиот биланс останува нападот врз складиште за муниција во селото Мила, во Бучанскиот реон, каде што руски напад предизвика големи експлозии. Според најновите извештаи, загинаа најмалку 38 лица, 52 се повредени, а четворица се водат како исчезнати. Експлозиите уништија и оштетија домови и принудија стотици луѓе на евакуација.
Истрагата за трагедијата во Мила се проширува. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја посочи службената небрежност како причина што експлозивен материјал бил складиран во близина на цивилни објекти, а украинските власти отворија кривични постапки. Украинските извори на ЦИВИЛ МЕДИА јавуваат дека украинското разузнавање ја истражува локацијата на складиштето и дека две лица се приведени. Ова, сепак, не ја менува основната причина за трагедијата, а тоа е рускиот напад.
Руските напади не се ограничени на воени цели. Во последните денови, погодени се станбени згради, магацини, објекти за грижа за ранливи категории граѓани, логистички центри, пристаништа и инфраструктура поврзана со снабдување со храна. Според украинските и меѓународните извештаи, ваквите удари имаат директна цивилна цена – загинати, повредени, евакуирани семејства, оштетени домови и парализирани локални услуги.
Паралелно со одбраната, Украина ги засилува таканаречените „долгометни санкции“ (long-range sanctions) – удари врз руската нафтена, воена и логистичка инфраструктура длабоко во Русија. Според изворите, претседателот Зеленски нареди зголемување на дневните долгометни удари од околу 300 на 1.000 дронови дневно, со цел да се намали руската способност да ја финансира и снабдува војната. Нападите врз рафинерии веќе предизвикуваат сериозни проблеми во рускиот енергетски сектор и снабдувањето со гориво, со производство на бензин намалено на околу 70 проценти од домашната побарувачка.
Новиот украински министер за одбрана, Јевхениј Хмара, најави дека на партнерите ќе им претстави јасен воен план со приоритети, проекти, рокови и потреби, додека Украина се соочува со недостиг од ПВО и пресретнувачи.
Џ. Д.












