Украина ги повикува меѓународните партнери на дополнителни пакети поддршка за зајакнување на енергетската отпорност на земјата пред претстојната зима, предупредувајќи на подготовките на Русија за нови напади врз украинската енергетска инфраструктура.
„Во пресрет на зимата повикуваме на дополнителни пакети поддршка за украинската енергетска отпорност. Го цениме секој придонес: ПВО, капацитети за производство, опрема, ресурси и увоз на енергија“, објави амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, на социјалната мрежа X.
Во пресрет на зимата повикуваме на дополнителни пакети поддршка за 🇺🇦енергетска отпорност.
Го цениме секој придонес: ПВО, капацитети за производство,опрема,ресурси увоз на енергија. Ова е особено важно, имајќи предвид дека рф најавува подготовки за нови напади врз 🇺🇦 енергетика pic.twitter.com/2UOP8VdGiw— Larysa Dir (@dir_larysa) August 31, 2026
Таа нагласува дека таквата помош е особено важна имајќи ги предвид подготовките на Русија за нови напади врз украинскиот енергетски систем.
Повикот доаѓа во период кога Украина се подготвува за уште една воена зима, по повеќегодишните руски напади насочени кон електроенергетската и друга критична инфраструктура. Покрај опрема за поправка и производство на електрична енергија, еден од клучните украински приоритети останува зајакнувањето на противвоздушната и противракетната одбрана, која треба да ги пресретнува руските ракети и беспилотни летала пред да стигнат до енергетските објекти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претходно предупреди дека Москва подготвува нови напади. На 23 јули тој изјави дека, со приближувањето на есента, Украина гледа подготовки на Русија за нов бран напади, како и за натамошно продолжување на војната.
Украина во текот на претходната зима беше изложена на масовни руски воздушни напади со стотици ракети и беспилотни летала, при што енергетската инфраструктура беше една од главните цели. Зеленски во март соопшти дека земјата успеала да го зачува енергетскиот систем и покрај масовните руски удари, но предупреди дека заканата од нови напади останува.
Џ. Д.












