По најмалку девет последователни дена речиси непрекинати руски дронски и ракетни напади врз Кијив, краткото викенд-затишје беше прекинато со нов бран удари во ноќта меѓу 8 и 9 септември. Русија во текот на ноќта и утрото на 9 септември изврши нови ракетни и дронски напади врз Украина, со удари врз Кијив, Одеската област и други региони. Нападите повторно погодија цивилни и гранични објекти, а украинските власти предупредуваат дека Москва го интензивира теророт против цивилите во пресрет на зимата.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X порача дека нападите продолжиле и утрово, со жртви во Одеската област и повредени во Кијив.
„Во текот на ноќта рф извршуваше ракетни и дронски напади врз градови низ цела 🇺🇦. Нападите продолжија и утрово. Во Кијив се повредени 4 лица. Во Одеската област, во напад врз граничниот премин „Старокозаче“, загинаа 2 лица, а уште 3 се повредени. ПВО = заштита на животот“, напиша Дир.
Најтешки последици се регистрирани во Одеската област, каде што руски дронови го погодија меѓународниот граничен премин „Старокозаче“ на границата со Молдавија. Во нападот загинале двајца цивили, а уште три лица биле повредени. Работата на преминот била запрена по нападот, а украински и молдавски претставници оценија дека ударот е дел од руска стратегија за нарушување на трговските и логистичките рути на Украина.
Во текот на ноќта рф извршуваше ракетни и дронски напади врз градови низ цела 🇺🇦. Нападите продолжија и утрово. Во Кијив се повредени 4 лица. Во Одеската област, во напад врз граничниот премин „Старокозаче“, загинаа 2 лица, а уште 3 се повредени.
ПВО = заштита на животот. pic.twitter.com/5LIFivOGA2— Larysa Dir (@dir_larysa) September 9, 2026
Украинска правда, повикувајќи се на украинските служби, јави дека нападот врз „Старокозаче“ се случил во текот на ноќта, дека преминот е привремено затворен и дека на местото на нападот интервенирале итните служби. Според украинските гранични служби, уништени или оштетени биле возила, вклучително автобуси, автомобили и камиони, на премин што секојдневно го користат голем број патници и товарни возила.
Кијив исто така беше под нови удари. Reuters јави дека руските дронски напади предизвикале повеќе пожари во главниот град, оштетиле објекти и повредиле девет лица, додека амбасадорката Дир во својата утринска објава наведе четворица повредени, што најверојатно се однесува на претходен биланс во моментот на објавувањето.
Според Associated Press, руските воздушни напади во текот на ноќта погодиле шест украински региони, при што најмалку две лица загинале, а седум биле повредени. Во Кијив бил погоден станбен облакодер од 22 ката, со значителни оштетувања и повредени лица. Според извештаите, последните недели донеле најтешки континуирани ракетни и дронски напади врз Кијив од почетокот на целосната инвазија.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека меѓународниот одговор на руските напади врз цивилни подрачја е недоволен и побара посилен притисок врз Москва. „Потребен е одговор – Москва не смее да влезе во зимата со уверување дека може да помине неказнето со ракетен и дронски терор“, порача Зеленски.
Нападите врз Одеската област имаат и регионална димензија. „Старокозаче“ се наоѓа на границата со Молдавија. Агресорот во последните недели погоди пет гранични премини, од кои четири на границата со Молдавија и еден на границата со Романија, земја членка на НАТО. Ова ја потврдува опасноста дека руските напади врз Украина директно ја загрозуваат и регионалната безбедност.
Во исто време, Украина продолжува со својата стратегија на „долгометни санкции“ што се состои од удари врз руската воена, нафтена и логистичка инфраструктура длабоко во Русија. Reuters јави дека Украина изврши дронски удари врз руски нафтени терминали, поморски бази, воени пристаништа и воени бродови-носачи на ракети во Новоросијск.
Потребата од ПВО останува централна порака на Украина. Украина обезбедува околу 1.000 ракети за системите Patriot преку поддршка од ЕУ и сојузниците, но најголем дел од испораките се очекуваат во следните години, додека Кијив бара најмалку 300 пресретнувачи за одбрана во текот на зимата оваа година.
На фронтот, нема потврдена голема оперативна промена, иако борбите се интензивни и крвави, особено во Донецката област. Силите на рускиот агресор продолжуваат да се движат кон таканаречениот „појас на тврдини“ околу Словјанск и Краматорск. Аналитичарите очекуваат септември и октомври да донесат некои од најинтензивните борби оваа година.
ЦМ Деск












