Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI) и нејзината водечка програма Вестминстерска алијанса за Украина (Westminster Alliance for Ukraine (WA4U) повикаа демократските институции, парламентарците, граѓанското општество, новинарите и граѓаните ширум Европа солидарноста со Украина да ја претворат во континуирана и конкретна акција.
Во заедничкото соопштение објавено на 15 септември, по повод Меѓународниот ден на демократијата, иницијативите ја потврдија својата посветеност на одбраната на демократијата и поддршката за слободна, демократска и суверена Украина.
„Демократијата зависи од способноста на луѓето слободно да зборуваат, да имаат пристап до веродостојни информации, да учествуваат во носењето одлуки и да ги повикуваат оние што се на власт на одговорност“, се наведува во соопштението.
Во него се нагласува дека независните медиуми, активното граѓанско општество, институциите што ги штитат човековите права и услови за слободно изразување на несогласување без закани, притисоци и заплашување се услови што мора секојдневно да се бранат и зајакнуваат.
„Да се застане во одбрана на Украина е клучен дел од таа одговорност“, посочуваат DDGI и WA4U. „Руската агресивна војна ги загрозува животите и слободата на Украинците, како и принципот дека луѓето имаат право сами да ја определуваат својата иднина.“
Иницијативите оценуваат дека поддршката за суверенитетот и демократските стремежи на Украина е од суштинско значење за побезбедна и подемократска Европа.
Во својот повик тие бараат конкретна поддршка за Украина, заштита на независното новинарство, спротивставување на дезинформациите, заштита на граѓанското учество и инсистирање на отчетно управување.
Под пораката „Секој глас е важен“, соопштението посветува внимание и на луѓето кои се исклучени од јавната дебата, на оние кои се соочуваат со закани поради јавното искажување на своите ставови, како и на заедниците што живеат во услови на војна.
„Суштинското учество подразбира овие гласови да бидат слушнати и земени предвид“, се наведува во повикот.
Повикот ги поврзува основачките заложби на DDGI од 2024 година со работата на нејзините партнери и коосновачи во поддршка на Украина уште од почетокот на руската агресија во 2014 година. Иницијативата ги повикува сите кои ги споделуваат овие заложби да учествуваат во идните дискусии и да ја зајакнат прекуграничната соработка.
DDGI беше основана во Скопје во 2024 година од ЦИВИЛ – Центар за слобода, Нов европски граѓански форум (New European People’s Forum – NEPF) и Media Dialogue / European Youth4Media Network. Оваа транснационална платформа предводена од граѓанското општество работи на одбрана на вистината, слободата и демократската отпорност од авторитаризам, дезинформации и хибридни закани.
Нејзината водечка програма WA4U ги поврзува парламентарците и партнерите од граѓанското општество со цел зајакнување на европската соработка во поддршка на Украина.
ЦИВИЛ Медиа Деск












