Поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и сопственик на косовскиот медиум „Косова пост“, Фадил Пушколи, на 22 септември бил приведен на граничниот премин Блаце при влез од Косово во Северна Македонија, врз основа на барање од српските власти циркулирано преку системот на Интерпол. По неколкучасовен разговор и испрашување од полицијата, Пушколи бил ослободен.
Информацијата за приведувањето првично ја објави самиот Пушколи, кој наведе дека случајот е поврзан со неговото поранешно членство во ОВК и побара од институциите на Косово да се вклучат во заштитата на неговите права. Косовскиот медиум Коха исто така објави дека приведувањето било извршено врз основа на налог издаден од српските власти.
По ослободувањето, Пушколи им се заблагодари на македонските полициски службеници за, како што наведе, коректното и професионално постапување. Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, според медиумските извештаи, исто така го посочил односот на полицијата кон Пушколи како пример за професионално постапување.
Случајот со Блерим Рамадани
Приведувањето потсетува на случајот со Блерим Рамадани, исто така поранешен припадник на ОВК, кој во јули 2024 година беше уапсен на граничниот премин Јажинце врз основа на барање на Србија преку Интерпол. Србија тогаш го бараше поради сомневања за воени злосторства во регионот на Неродиме во 1999 година. Рамадани беше ставен во куќен притвор, а подоцна избега пред завршувањето на постапката.
Во анализата „Бегството на Блерим Рамадани: Пропаганден потенцијал или нешто повеќе? Значењето, успесите и злоупотребите на Интерпол“, објавена од ЦИВИЛ МЕДИА во август 2024 година, беше посочено на една важна, а често занемарена карактеристика на системот: известувањето на Интерпол не е меѓународен налог за апсење што автоматски ги обврзува националните институции.
Интерпол и денес експлицитно наведува дека Црвеното известување е барање до органите за спроведување на законот да лоцираат и привремено да приведат лице во очекување на екстрадиција или друга законска постапка, но дека не претставува меѓународен налог за апсење. Организацијата не може да ги принуди националните власти да уапсат некого; секоја држава одлучува каква правна вредност ќе му даде на известувањето во согласност со сопственото законодавство.
На истиот факт укажа и анализата на ЦИВИЛ МЕДИА во 2024 година, со нагласување дека мора јасно да се разграничат улогата на Интерпол и одговорноста на националните полициски, правосудни и други институции при постапувањето по таквите барања.
Србија и потерниците за граѓани на Косово
Анализата на ЦИВИЛ од 2024 година година посвети посебно внимание и на долгогодишната практика на Србија да прогонува граѓани на Косово, меѓу кои има поранешни припадници на ОВК, но и политичари и други јавни личности. Во текстот беше наведено дека до 2017 година во таканаречената српска „Бела книга“ имало 157 граѓани на Косово кои Србија ги барала за апсење, при што дел од нив биле барани и преку механизмите на Интерпол. Како еден од познатите примери беше наведен и поранешниот косовски премиер Агим Чеку.
Овој проблем не е специфичен само за односите меѓу Србија и Косово. Интерпол има воспоставено правила според кои неговите механизми не смеат да се користат за активности од политички, воен, верски или расен карактер, додека низ годините се документирани повеќе случаи во кои држави биле обвинувани дека се обидуваат да го користат системот за политички мотивирано гонење.
Токму затоа, секој нов случај на границите на Северна Македонија го отвора истото прашање: дали и како националните институции, покрај проверката на постоењето на меѓународно барање, ја проценуваат неговата правна основа, усогласеноста со правилата на Интерпол и можноста механизмот да биде злоупотребен во поширок политички спор.
Во случајот со Фадил Пушколи, неговото ослободување само неколку часа по приведувањето покажува дека, барем во оваа фаза, случајот има поинаков тек од оној на Блерим Рамадани во 2024 година.
Џабир Дерала












